Борисов ја искоментира изјавата на Пендаровски за Гоце Делчев
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов денеска ја искоментира изјавата која ја даде македонскиот претседател, Стево Пендаровски за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев.
„Задоволни сме што вистината за нашата заедничка историја, вклучувајќи ја и за Гоце Делчев, почнува да се кажува јавно од политичари на највисоко ниво во Македонија, каков што е случајот со претседателот Стево Пендаровски“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, пренесе бугарската новинска агенција „БГНЕС“.
Борисов и македонскиот колега, Зоран Заев разговараа за достигнувањата и предизвиците во билатералните односи со Бугарија.
„Земјите од Западен Балкан мора да вложат максимални напори за развој на добрососедски односи со своите соседи од Европската Унија. Несомнено, еден од најдобрите примери за тоа е потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, изјави Борисов по состанокот со македонскиот колега Заев, во рамките на Самитот на Берлинскиот процес.
Борисов и Заев истакнаа дека потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка дал позитивен поттик во партнерството меѓу двете земји.
Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава, вели претседателот Пендаровски минатиот месец.
фото БГНЕС
