Економија, финансии, бизнис

Контакт

БОРБА ДА СЕ ЗАДРЖАТ МЛАДИТЕ: Во Делчево бесплатна сала за венчавање, и паричен надомест за секое прваче

БОРБА ДА СЕ ЗАДРЖАТ МЛАДИТЕ: Во Делчево бесплатна сала за венчавање, и паричен надомест за секое прваче

Бесплатна сала за венчавање, паричен надомест за секое новороденче, надомест за секое прваче кое од септември ќе тргне на училиште, се мерки кои Општина Делчево ги реализира со цел да им помогне и да им го олесни животот на граѓаните.

Делчевци од јули лани можат бесплатно да склучуваат граѓански брак во новите простории во мултифункционалниот центар во Спомен-домот АСНОМ.

Вака одлучија општинските советници со цел да им излезат во пресрет на младите. Но, дали ова вродило со плод, дали има повеќе венчавки, од локалната самоуправа не можат да дадат прецизен одговор, од причина што не располаат со детални статистички податоци. Oд Управата за водење на матични книги, велат дека од јуни лани досега во Делчево се склучени 77 брака.

Но, граѓаните се скептични дека во ова гратче на Истокот ќе се врати животот и дека луѓето тука ќе ја планираат својата иднина. Ги мачи немањето работа, но и малите плати.

„Тие мерки многу тешко ќе ги задржат луѓето во Делчево. Убаво е тоа што го прават, но овде нема живот, и можам да кажам дека Владата ја заборава Источна Македонија. Од Кочани наваму веќе имате чувство како да сте во друга држава. Немаме патишта како што треба, немаме превоз, немаме лекари, немаме ништо. Дури и оние кои работат овде се угнетувани, едноставно никој не го штити работникот. Примањата се многу ниски. За минимална плата во текстилот жените работат по 12 часа на ден. Народот се иселува. Имам и јас членови од моето семејство кои се иселени. И јас сум веќе на тој пат, размислувам да се иселам во Германија“, вели Мустафа Шатков, жител на Делчево.

Друг 35 годишен делчевец кој работи во прватен сектор раскажува дека половина од граѓаните на овој град веќе се иселиле, и според него, веќе е доцна да се подобри демографската слика.

„Со плати од 12.000, 13.000 денари не се живее, и едноставно таа помош од 3.000 денари, или пак бесплатна сала за венчавки, не може многу да му помогне на помогне на еден човек. Луѓето се селат затоа што ништо не функционира, се е во колапс. Познавам делчевци кои заминаа да студираат во Бугарија, таму останаа, се вработија, земаат добри плати, едноставно Бугарија не прегази како воз. Бегаат во Германија, Швајцарија, Англија, кој каде ќе се снајде“, додава тој.

За секое новороденче од општината даваат по 3.000 денари, а од септември, за секое прваче запишано во оваа општина, ќе следи надомест од 3.000 денари. Дополнително, од Општина Делчево наведуваат дека за добрите ученици од сиромашни семејства се доделуваат и стипендии.

Сања Атанасовска

фото Википедија

Слично

Поврзани вести