Економија, финансии, бизнис

Контакт

“Борба за живот или смрт“: РЕФЕРЕНДУМ!

“Борба за живот или смрт“: РЕФЕРЕНДУМ!

Богданци пред референдум, “борба за живот или смрт“ на јужниот регион!

Живот во чиста и здрава околина е уставно загарантирано право на секој жител на оваа држава- вели Митко Чавдаров од Богданци. Среќен е што конечно иницијативата за референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат за  или против работењето на рударскиот комплекс Казандол стана приоритет на општинските власти кои безмалку едногласно ја прифатија. Вели првичните позитивни резултати усвоени од Советот на општината се исчекор за да се слушне размислувањето и потребите на граѓаните.  

“Граѓаните најмногу стравуваат од последиците кои може да се одразат катастрофално на населението и природата доколку продолжи со работа рударскиот комплекс Казандол и покрај успешниот референдум. Првичните информации кои се добиени од компанијата Сардич се дека во рудникот со површински коп Казандол рудата само ќе се ископува и ќе се носи на обработка за подоцна да се додаде дека обработката на рудата ќе биде во непосредна близина на рудникот и со тоа рудникот се трансформира во рударски комплекс. Тука станува јасно дека компанијата во почетокот на нејзиното функционирање ги лаже локалните власти со тоа што не го додава делот за обработка односно дека рудата ќе се обработува на самото место со цел полесно да ги добие потребните дозволи од надлежните министерства и локалните власти на Валандово и Богданци. Искрено се надеваме дека после референдумот кој би требало да биде успешен, централната власт ќе има слух и разбирање да го сослуша гласот на народот и дека трајно ќе го затвори рудникот”- вели Чавдаров. 

Доколку надлежните немаат слух за ова прашање, потенцира дека  не се исклучени протести и граѓанска непослушност. Казандол како што вели е ридско-планински регион, дел од планината Погана која ги дели Валандово и Богданци. Проектот на компанијата бил проект на ископување, преработка и добивање на катоден бакар со лужење односно третирање на рудата со сулфурна киселина, што според него може да предизвика трајно уништување на почвата, воздухот, водата.

“Општинските власти во Богданци покрај позитивното мислење кое го дале првично под притисок од Централната власт, преку нашата граѓанска иницијатива станаа свесни и се запознаа со опасностите кои ги носи овој проект. Нашиот регион се заснова и опстојува од земјоделско-органско производство.Ако не се направат сериозни чекори не' чекаат страшни последици како повеќекратно загаден воздух, загадување на подземните и надземните води кои ќе придонесат за зголемена појава на канцерогени и респираторни заболувања кај луѓето, изумирање на флората и фауната во превод сигурна смрт на нашиот регион. Во моментот локалните власти стојат рамо до рамо со нас како граѓанска иницијатива, а доколку и после позитивниот изгласаниот референдум Централната власт одлучи да рудникот продолжи со работа тогаш ќе продолжиме со протести и блокирање физички на работата на рудникот затоа што сметаме дека живеење во чиста животна средина е наше уставно загарантирано право”- додава Чавдаров. 

Општина Богданци се наоѓа на источниот крај на Гевгелиско-валандовската котлина, од десната страна на Стара Река. Според последнито попис Богданци има 6.011 жители. Во моментот најмногу вработување има во земјоделскиот сектор во неколку компании  кои се занимаваат со органско и конвенционално производство на овошје и трговија на зеленчук. Познато е како подрачје каде има најмногу производители на домати во државата, потоа во градот има компании  за текстилно производство како и повеќе средни и мали бизниси.Ова според Чавдаров е доволен мотив и граѓаните и надлежните да се борат да го зачуваат мирот и спокојот во целиот регион,  а на младите да им обезбедат иднина во својата земја. 

С.Б.

Слично

Поврзани вести