Бонева е во изолација, денес не се појави на суд
Рочиштето за случајот „Друмарина“ е одложено поради изолацијата на екс пратеничката и обвинета Силвана Бонева.
Одбраната доставила потврда за изолација на обвинетата поради коронавирусот и здравствен надзор. Случајот „Друмарина“ е за измами поврзани со користењето на патните трошоци. Според обвинението, Бонева во периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како пратеник во Собранието, со намера за себе да прибави имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно повторување на исто кривично дело измама. До службите во Собранието таа поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања поради присуство на седници, со што го довела во заблуда овластеното лице да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во вкупен износ од 6.458.551 денари (над 100.000 евра).
„Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале од Струмица и обратно. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања“, наведе Обвинителството.Бонева ги отфрла обвинувањата и најави дека во овој судски процес ќе докаже дека ваквото обвинение е паушално. Таа претходно кажа дека со 6.967 докази и 28 сведоци ќе докаже дека е невина. Рочиштето ќе се одржи на 10 мај.
Истрагата за овој случај ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а по примопредавањето на предметите во редовните обвинителства, случајот стана надлежност на ОЈО Скопје. Обвинението е поднесено на 4 септември минатата година.
