Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бомбардирањата во Украина ги загадуваат почвата, подземните води, воздухот – какви последици ќе трпиме?

Бомбардирањата во Украина ги загадуваат почвата, подземните води, воздухот – какви последици ќе трпиме?

Поради воените дејствија во Украина, штети ќе трпат голем број земји, директно или индиректно.

Бомбардирањата придонесуваат за загадени почви, подзeмени води, воздух, од што штета ќе имаат не само украинските граѓани, туку и другите народи. Мила Јовановска од невладината организација „Биди зелен“ објаснува кои се штетните ефекти од кои сите ќе трпиме последици. Во прашање ќе биде доведено производството на здрава и безбедна храна, но ќе се јават и други проблеми.

„Украина е еден од најголемите производители на жито во светот. Во земјата главно се одгледуваат и извезуваат пченица, пченка и јачмен. Според Европската Комисија Украина учествува со 10 отсто од светскиот пазар на пченица, 15 отсто од пазарот на пченка и 13 отсто од пазарот на јачмен. Со повеќе од 50 отсто во светската трговија таа е и најважниот играч на пазарот на сончогледово масло. Од друга страна, бомбардирањето на земјата и уништувањето на плодната почва и полињата има сериозно влијание врз ова производство - краткорочно е тоа дека ќе има намалено производство, но долгорочно се поставува прашањето колку од тие полиња ќе бидат безбедни (незагадени) за одгледување на култури затоа што сега Украина се соочува со најголемо досега загадување на почвата, подземните води и воздухот“, вели Јовановска.

Од сето ова погодена ќе биде Европа, но и Македонија.

 „Немаме информација колку нашата земја увезува и зависи од увозот на производи од Украина, но ризикот од доволно (безбедна) храна е присутен и кај нас, затоа има и иницијативи од Владата за зголемување на производството на овие култури. Индиректното влијание пак е преку купување на производи кои се произведени од главните увозници на прехранбени материјали од Украина, а кај нас тоа најчесто го среќаваме кај турските производи“, додава Јовановска.

Таа објаснува дека бомбардирањето и емисиите од стакленички гасови ќе имаат влијание на климатските промени на чии последици сме подложни сите на оваа планета. Светот се труди да го ограничи затоплувањето на планетата Земја преку намалување на емисиите од стакленички гасови, а оваа војна само повеќе придонесува кон тоа.

„Последиците од климатските промени во нашата земја се топли лета, помалку вода во реките, последици ќе има и врз земјоделието кое е еден од најранливите сектори“, рече Јовановска.

Украина годишно извезува 75,1 милиони тони жито. Проценките се дека Украина поради војната ќе го намали производството на сончоглед, репка и соја. Сончоглед ќе имаат многу помалку за разлика од пред десет години.

Во 2021 година Форбс Украина објави дека Виница, Чернихив и Полтава имаат најдобар принос на житарици. Директните загуби на земјоделскиот сектор на Украина како резултат на војната изнесуваат повеќе од 6 милијарди долари, а вкупниот загуби - повеќе од 30 милијарди долари. Пред војната, трговијата со земјоделски производи на Украина и донесе повеќе од 22 милијарди долари, што беше 41 отсто од вкупниот извоз.

Претставник на Државната служба за вонредни состојби Олег Бондар во април соопшти дека околу половина од територијата на Украина треба да се расчисти од нагазни мини.

Потребна е проверка на огромни површини поради заостанати мини или муниција. Деминерите веќе работат, а најмногу финансиски средства дава Германија. Украинската полиција соопшти дека ќе им требаат години за да ги отстранат мините.

Сања Атанасовска

фото ЕPA/Hannibal Hanschke

Слично

Поврзани вести