„БОМБАРДИРАНИ“ СМЕ СО ЛОШИ ВЕСТИ СЕКОЈДНЕВНО: Колку ни фалат позитивни приказни во општеството?
Граѓаните секојдневно слушаат негативни вести за случувањата во нашава земја. Сведоци се на политички препукувања, чести случаи на семејно насилство, потешкотии да се извадат нови лични документи, поскапувања, сиромаштија и слично.
Сето ова придонесува граѓаните да бидат депримирани и велат дека во нашето општество треба да има повеќе позитивни примери, инспиративни приказни за луѓето кои успеале во некоја област, да се поттикнува солидарноста, креативниот дух, да се цени знаењето. Граѓаните велат дека е добро почесто да гледаме квизови на знаење, да ги шириме своите видици, а поретко да се прикажуваат филмови кои промовираат насилни содржини. Вистинските вредности да бидат на пиедестал, а не како што е сега.
Наталија Наумовска, училишен психолог објаснува дека живееме во време на брзи информации, примање на најразлични вести во само неколку секунди на нашиот мобилен телефон, пуштање на ТВ или вклучување на компјутер. Додава дека не можеме да избегаме од информациите што се пласирани насекаде околу нас.
„Во нашето општество постојат многу негативни приказни на кои сме сведоци изминативе месеци и години. Сме зборувале за настаните што се случуваа околу трагедиите што ја потресоа државата, а после тоа се случија уште многу несакани случки коишто негативно влијаат врз перцепцијата на луѓето дека живеат во среќно општество. За среќа ќе речам покрај таквите „приказни“ можеме да посведочиме и на позитивни приказни кои помалку ја враќаат надежта во добрината на луѓето. Дали се работи за собрани средства за лекување на некое дете или човек благодарение на хуманоста на луѓето, за многу родени бебиња, за бебиња прерано родени кои ја победиле битката и излегле од болница здрави и живи, за спасени човечки животи, за одобрување на лекови за ретки болести, трансплантација на срце и изведени комплексни операции за првпат во нашите клиники, за излекувани луѓе болни од тешки болести, за спасени кучиња од добри луѓе, враќање на пронајдени изгубени паричници, помагање на странци во рандом ситуации, сè до информации од кулутрата како издадени нови книги, музички синглови и спотови, нови театарски претстави, стенд-ап шоуа, концерти, музички настани и други настани од културен и забавен карактер. Доколку сакаме да ја погледнеме и оваа страна во нашата земја неблагодарно би било да речеме дека ни недостигаат позитивни приказни. Ние треба само да се научиме да ги филтрираме информациите, да бидеме селективни во читањето и слушањето и да се насочиме кон позитивните случувања бидејќи такви навистина постојат“, вели психологот Наумовска.
Социологот Лилјана Полевска објаснува дека ретко слуша за позитивни примери во нашата заедница.
„Позитивни примери се кога луѓето помагаат да се лекува некој. Секако дека ни фалат позитивни приказни. Само црна хроника читаме и на социјалните мрежи и гледаме на телевизија. Ни требаат позитивни примери кои потсетуваат на моралните вредности. Ни требаат такви содржини. Прекрасните текстови на таа тема ги нема во читанките“, додава Полевска.
И во регионот, медиумите пишуваа дека се потребни повеќе реални инспиративни приказни кои покажуваат дека со солидарност, во кризни времиња може да се живее подобро. Позитивните примери и практики можат да помогнат за поквалитетен живот и на ниво на локални заедници.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/simonapilolla
