Економија, финансии, бизнис

Контакт

„БОМБАРДИРАНИ“ СМЕ СО ГОВОР НА ОМРАЗА: Кои настани ги поттикнаа граѓаните на „хејтање“

„БОМБАРДИРАНИ“ СМЕ СО ГОВОР НА ОМРАЗА: Кои настани ги поттикнаа граѓаните на „хејтање“

Неколку настани кои беа актуелни на политичката сцена лани и оваа година поттикнале говор на омраза.

До ваков заклучок дошле од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Навредливи коментари на социјалните мрежи имало во периодот кога се потпиша Договорот од Преспа, кога се носеше Законот за употреба на јазиците, кога ВМРО-ДПМНЕ го објави својот кандидат за претседател и ред други настани.

„Во 2018 година најмногу случаи на говор на омраза се регистрирани во јули и септември, особено врз основа на етничка и политичка припадност. Овие месеци содејствуваат со преговорите со Република Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор, како и најавата за организирање референдум. Зголемениот пораст исто така содејствува со две клучни политички случувања во државата – усвојување на Уставните амандмани согласно Договорот од Преспа на 11 јануари 2019 година и објавувањето на Законот за употреба на јазиците кон средината на месецот. Во тој временски период регистриран е пораст врз основа на етничка и политичка припадност. Споредбено со 2018 година, се забележува зголемен број пријави врз основа на сексуална ориентација, род и пол, кој, според структурата на пријавени случаи, достигна третина од вкупниот број пријави. Врз основа на сопственото следење на говорот на омраза за јануари, може да се утврди слаба респонзивност од надлежните институции во санкционирање на овој феномен“, велат од Хелсиншки комитет.

Додаваат дека врз основа на трендот на пријави на говор на омраза, најголем број пријави се забележани во периодот од 12 до 17 февруари.

„Драстично зголемениот број на говорот на омраза на социјалните медиуми поради етничка припадност содејствува со автобуската незгода, што се случи на автопатот Скопје-Гостивар и одлуката за распределбата на парите од годишната програма на Министерството за култура за 2019 година. Исто така, во февруари се бележи пораст на говорот на омраза на социјалните медиуми поради пол и род“ – наведуваат од Хелсиншкиот комитет.

Велат дека иако се забележува зголемена реакција од надлежните органи во постапувањето по пријавите за говор на омраза, сепак се цени дека постои потреба од проактивност и навремено санкционирање на оваа појава и информирање на јавноста.

Во периодот од 1ви април 2019 година заклучно со денот навториот круг од претседателските избори, на интернет порталот wwww.govornaomraza.mk се регистрирани вкупно 69 случаи.

По завршувањето на претседателските избори се забележува драстично намален број на пријави за говор на омраза.

Говорот на омраза изнесен јавно, на социјалните мрежи од граѓани и во медиумите од страна на јавни личности, одамна стана секојдневие во нашето општество, вели психологот Лидија Зорба.

Вели дека од социопсихолошки аспект тоа зборува за екстремна поделеност на граѓаните по различни основи и дополнително придонесува кон нови поделби и ширење омраза.

Таа вели дека говорот на омраза укажува на дефицит на елементарна култура и ниско ниво на општо образование.

„Особено треба да се работи со носителите на јавни функции и други личности во општеството кои може да бидат влијателни во формирањето на јавното мислење и психосоцијалниот амбиент во државата. Таа работа е потребна за да можат да научат и да разберат: Зошто не е добро да зборуваат со омраза? Кои се последиците од таквиот начин на зборување? Како личните и професионалните ставови и мислења да ги изразат на начин што  ќе придонесе кон подобро разбирање, прифаќање и соработка со различни категории луѓе?  Како да се подобри и прошири комуникацијата и соработката со граѓаните во државата и надвор од неа? Има многу работа на ова поле, ако сакаме вистински да го интегрираме нашето општество во пошироката  меѓународна заедница“, вели м-р Зорба.

Но, Хелсиншкиот комитет не забележал говор на омраза во обраќањата на кандидатите за претседател и немало континуирани или забележителни појави на запалива реторика во дискурсот на кампањата на двата кандидати. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести