БОЛНИЦИТЕ ВО ТЕТОВО И ГОСТИВАР СЕ ПРЕПОЛНИ: Дури и оние со најлесни симптоми да се јават кај матичните лекари, апелира Филипче
Министерот за
здравство, Венко Филипче, кој денеска на прес-конференција информираше за
актуелната состојба со епидемијата на корона вирусот во Македонија, посебно
потенцираше дека болничките капацитети во Тетово и Гостивар, како и во Кичево и во Струга и
понатаму се преполни со пациенти кои
имаат компликации како последица од Ковид-19.
-И понатаму остануваат капацитетите преполни во Тетово и Гостивар, а нешто слично е и во Кичево и Струга, па сме во постојана комуникација со директорите на овие болници за пациенти кои треба да се донесат во Скопје, каде што има доволен број на болнички места во болницата Козле и каде што ротира, односно функционира тим од лекари специјалисти инфектолози и пулмолози. Спремини се и други капацитети, но засега освен во оваа болница во ниту една друга нема да се прави ковид центар како што тоа беше случај со минатиот бран, рече министерот Филипче, од пред салата „Борис Трајковски“, каде што од денеска повторно се врши вакцинација против Ковид-19.
Истовремено, Филипче нагласи дека во сите болници ја има потребната терапија за пациентите, скапиот лек „Ремдесивир“, кој бепе набавен уште за време на претходниот бран е секаде дистрибуиран и протоколот за лекување е унифициран.
-За жал има голем број на пациенти кои доцна се јавуваат на лекар, има еден одреден број на луѓе коишто ги занемаруваат симптомите. Затоа, апелирам сите да се јават и кај матичните лекари и во болнички установи ако забележат макар и најлесни симптоми, порача министерот Филипче.
А. Б.
