Економија, финансии, бизнис

Контакт

БОЛНИЧКИ ГИНЕКОЛОЗИ И ПЕДИЈАТРИ КАКО ИЗБРАНИ ЛЕКАРИ: Што предвидуваат измените на Законот за здравствена заштита

БОЛНИЧКИ ГИНЕКОЛОЗИ И ПЕДИЈАТРИ КАКО ИЗБРАНИ ЛЕКАРИ: Што предвидуваат измените на Законот за здравствена заштита

Од крајот на следната година, здравствените работници вработени во здравствените домови, и педијатрите и гинеколозите вработени во болниците, ќе може да бидат и избрани лекари, согласно дефицитот од тие избрани лекари, во различни региони од државата, што го утврдува Министерството за здравство, односно пациентите кои не можат да си обезбедат матичен гинеколог или матичен педијатар заради недостаток од ваков медицински кадар во местото каде што живеат, ќе имаат право да изберат лекар од овие дејности во некоја од јавните здравствени установи, односно болници кои вршат специјалистичка и болничка здравствена дејност. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита што го предложи Владата до собранието.

-Пациентот кој не може да го оствари правото на здравствена заштита на примарно ниво во дејноста гинекологија и акушерство или дејноста педијатрија поради недоволен број тимови на подрачјето на местото на живеење согласно критериумите за определување на мрежата, има право на здравствена заштита на примарно ниво и право да избере лекар во дејноста гинекологија и акушерство или дејноста педијатрија во јавна здравствена установа-болница која врши специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност од областа на гинекологија и акушерство или областа педијатрија и која организира укажување здравствени услуги на примарно ниво во дејноста гинекологија и акушерство и во дејноста педијатрија, а која е определена од страна на Министерството за здравство со одлука за утврдување на јавни здравствени установи-болници кои имаат право да даваат услуги на избран лекар гинеколог и/или педијатар донесена врз основа на утврдена потреба согласно овој закон, се наведува во текстот на предлог законот.

Пациентите ваквите здравствени услуги ќе ги добиваат во установата каде лекарите специјалисти по гинекологија или педијатрија се вработени и тоа по завршување на прегледите и интервенциите кои им се закажани.

-Здравствените услуги од ставот (1) на овој член, ги укажува специјалист по гинекологија и акушерство или специјалист по педијатрија вработен во установата, во простор и со опрема на установата, по спроведена постапка за промена на статутот на установата за организирање на укажување на здравствени услуги на примарно ниво во дејноста гинекологија и акушерство или во дејноста педијатрија согласно со членот 103 од овој закон и во тим со најмалку еден здравствен работник со средно, вишо или високо стручно образование од областа на медицината вработен во установата определен со одлука на директорот. Здравствените работници од ставот (5) на овој член, ги укажуваат здравствените услуги на примарно ниво во рамки на интергрираниот здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството, по завршување на прегледите и интервенциите закажани за користење на здравствените услуги од специјалистичко-консултативната и болничката здравствена дејност согласно  овој закон и без нарушување на работите и работните задачи од работното место што произлегуваат од содржината на оваа дејност на установата, а со прилагодување на работното време и со организирање на работата и работното време согласно овој закон, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.

Истовремено, здравствените работници кои ќе бидат избрани од страна на пациентите, склучуваат договор за укажувањето на здравствените услуги на примарно ниво во дејноста гинекологија и акушерство или во дејноста педијатрија со установата во која имаат засновано редовен работен однос, во кој се уредува и распределбата на средствата од извршувањето и плаќањето на здравствените услуги согласно со договорот со Фондот, при што на здравствените работници им се исплаќа делот од распределбата на средствата кои се однесуваат на укажувањето на услугите, а за установата се распределуваат средствата кои се однесуваат на материјално-техничките трошоци за просторот, опремата, лековите, медицинските помагала и потрошниот материјал и другите трошоци во однос на организирањето на укажувањето на здравствени услуги.“

Владата смета дека со предложените решенија ќе се обезбеди повисоко ниво на здравствена заштита на граѓаните и ќе се подобри достапноста на здравствените услуги, бидејќи, како што е образложено, не се работи за сложен и обемен закон, Владата предлага Собранието да расправа по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести