Боки 13 повторно бараше укинување на притворот, сведочеше и адвокатот Димишков
Обвинетиот во Рекет, Бојан Јовановски, и неговиот адвокат Сашо Дуковски, на денешното рочиште повторно побараа да му се укине притворот кој го издржува околу седум месеци. На ова обвинителката Вилма Русковска се спротистави, велејќи дека Боки 13 бил приведен на граница, во обид за бегство. Но, Јовановски реагираше дека одел во Миконос на одмор, а немал намера да бега.
Инаку, прв сведок на одбраната за Рекет денеска беше адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова, која всушност му одреди притвор на бизнисменот Јордан Камчев за случајот Империја.
А како што е познато, сведокот за Рекет, Камчев, на стартот на овој процес рече дека и Димишков бил вклучен во изнудата на пари, во замена за тоа неговата сестра судијка да овозможи бизнисменот „полесно да помине“.
Според Димишков, бизнисменот преку преку неговата сопруга Ана Камчева и веќе обвинетиот во случајот Рекет, Зоран Милевски, сакале да го ангажираат во адвокатскиот тим за Империја, и така да влијаат на неговата сестра да и биде одземен предметот.
Димишков рече дека откако на Камчев му бил одреден притворот, него го побарале соработниците на бизнисменот, по што се договориле да направи пресметка колку ќе чини неговиот ангажман. Но, како што тврдеше адвокатот, тој сфатил дека сакаат да го искористат, па им понудил износ за кој знаел дека нема да му го прифатат. За екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Димишков рече дека не ја познава лично, а за првообвинетиот Бојан Јовановски дека го познава, бидејќи бил адвокат за неговата невладина Меѓународен сојуз.
Следен сведок на одбраната е бизнисменот и поранешен градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ.
