Бојан Јовановски сака да посвои деца и да го менува законот
Бојан Јовановски, претседателот на Меѓународниот сојуз за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории на денешната конститутивна седница посочи дека лично донел одлука да започне процедура за посвојување деца, но и иницијатива за законски измени.
- Донесов одлука, како самец, човек кој што не е во никаков брачен или партнерски однос да посвојам три деца кои што ќе бидат од различна вероисповест, христијанска и муслиманска, а третото дете сум сложен да биде со мали или умерени потешкотии во психофизичкиот развој односно дете со специјални потреби, рече претседателот на Меѓународниот сојуз, Бојан Јовановски.
Тој исто така најави дека како претседател на Меѓународниот сојуз ќе поднесе лична иницијатива за промена на Законот за посвојување на деца.
- Од секогаш сум имал посебно чувство за децата кои се без родители, кои што се оставени. Воден од идејата дека некој се бори со години да создаде семејство, да има свое дете, а некој ги остава така децата од разно разни причини, рече Јовановски.
На конститутивната седница, Јовановски изрази огромно задоволство од средбата со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, каде што двајцата се сложиле дека конкретните дела се многу по важни од сите формалности, рече Претседателот на Меѓународниот сојуз, Бојан Јовановски, на денешната конститутивна седница на сојузот.
- Задоволен сум и сакам да истакнам дека со премиерот Зоран Заев се договоривме за директна соработка и директна поддршка од Владата на Република Македонија. Во овој момент сакам јавно да соопштам дека првиот меморандум за соработка, Меѓународниот сојуз ќе го има со Владата на Република Македонија, вели Јовановски.
Според Јовановски сојузот не треба да функционира како паралелно министерство за труд и социјална политика туку да помага таму каде што може во соработка за властите за што засега е задоволен од односите со новата Влада.
