Бојаџи го испофали Тозија, а овој му го критикуваше филмот
Јани Бојаџи, режисерот на филмот „Ругањето на Христа“, во која е опфатена идеја за спорот за името со Грција што е на повидок да се реши, од Монтреал му се заблагодари за поддршката на директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, иако истовремено од оваа институција наведоа дека повеќе нема да се снимаат такви контроверзни дела кои „ги навредуваат чувствата на публиката“.
„Ругањето на Христа“ се прикажува на фестивал во Монтреал, а премиерата пред македонската публика треба да биде наесен. Неговото снимање започна во 2015-та кога беше постигнат договорот за продукција со Агенцијат за филм.
Во меѓувреме, со доаѓањето на новата власт на позицијата в.д. директор на Агенцијата владата го назначи Горјан Тозија точно пред една година.
- Ние имавме поддршка од Агенцијата за филм од почетокот до крајот и сакам да ја искористам оваа прилика да му се заблагодарам на директорот Горјан Тозија, кој не поддржуваше и како уметник и како продуцент и без чија помош во никаков смисол јас денеска немаше да бидам овдека (Монтреал)“, изјави меѓудругото Бојаџи преку видео-врска со ТВ Алфа.
Инаку Бојаџи е еден од потписиниците на писмото од 76 македонски интелектуалци против преспанскиот договор, а од друга страна Тозија беше учесник во „Шарената револуција“ за соборување на претходната власт.
Тозија пред да го гледа филмот рече дека е партиска пропаганда од претходната власт.
„Јас сум за тоа дека уметниците треба да покренуваат прашања, да отвораат теми, но според тоа што го погледнав од трејлерот, мојот впечаток е дека филмот има партиска пропаганда и дека зазема една страна. Лично сметам дека не ни се потребни филмови кои ќе не раздвојат уште повеќе“, изјави Тозија за СДК.
Агенцијата за филм денеска се впушти во содржинска осуда на филмот.
„Агенцијата за Филм е независна институција од Министерството за култура, и заедно ги осудуваме решенијата на претходните гарнитури кои финансирале проекти без никаква уметничка вредност и кои ги навредуваат чувствата на граѓаните, се наведува во соопштението на Министерството во врска со, како што велат, скандалозниот филм „Ругање со Христос“, финансиран од Aгенцијата за филм во 2015. година“, соопштија од таму.
Од Министерството информираат дека се подготвува ново законско решение кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби во иднина и ќе овозможи контрола врз темите, идејите и пораките што ги праќаат филмовите.
„Министерството и Агенцијата за филм потенцираат дека ова е последен пат со парите на граѓаните се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани. Такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните, финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка“, стои во соопштението, во кое се наведува дека Агенцијата за филм веќе започнала голем број на постапки за проекти финансирани во минатото
