Богов: Улогата на НБРМ ќе зајакне преку спроведувањето на европските стандарди
Работењето на Народната банка, по теркот на европските стандарди, ќе придонесе за зајакнување на нејзината улога во обезбедувањето на ценовната стабилност и стабилноста и ефикасноста на финансискиот систем во Македонија, истакна вчера гувернерот Димитар Богов, во неговото обраќање по повод заокружување на проектот со Европската централна банка за Анализа на потребите на НБРМ во процесот на пристапување кон Европскиот систем на централни банки и Евросистемот.
- Дозволете ми најпрво да ја искажам својата благодарност до ЕЦБ, со која заеднички ја инициравме и ја остваривме оваа соработка, до националните централни банки од Европскиот систем на централни банки и нивните експерти кои што се вклучија и беа непосредно ангажирани во остварувањето на Проектот, како и до Делегацијата на ЕУ во нашата земја за поддршката во текот на целото времетраење на Проектот и секако за обезбедената финансиска помош со којашто се овозможи неговото остварување. Воедно би сакал да ја истакнам и придобивката за НБРМ од извонредната соработка со претставниците од ЕЦБ и националните централни банки од Евросистемот - рече Богов.
Имајќи ја предвид улогата на централната банка во процесот на пристапување на земјата кон ЕУ, посочи тој, Народната банка на Република Македонија го започна овој проект со цел да се подготви за идното членство во Европскиот систем на централни банки и Евросистемот. Патот на земјата кон ЕУ е процес којшто бара од нас изградба на силни и ефикасни институции.
Богов се осврна на придобивките кои произлегуваат од овој проект.
- Како прва и најзначајна придобивка од Проектот се соодветните наоди на експертите за постојните јазови и препораките за нивно надминување со временска рамка и потребните ресурси. Во таа насока, Извештајот за анализата на потребите на НБРМ ќе претставува основа за стратегиското планирање на Народната банка и за поставувањето на идната стратегија за приклучување кон Европскиот систем на централните банки и Евросистемот - истакна гувернерот.
Cпоред Богов, во зависност од природата на препораките, некои ќе бидат спроведени во кус временски период, додека, пак, за други ќе биде потребно повеќе време, како и дополнителни технички и човечки ресурси и секако дополнителна техничка помош во однос на искуството и знаењето од ЕЦБ и националните централни банки од ЕУ.
