Богов не е загрижен од нивото на надворешниот долг
Нивото на надворешниот долг на Република Македонија не е загрижувачко смета гувернерот на Народната банка Димитар Богов. „Две големи компоненти од долгот кон странство отпаѓаат на трговските кредити и кредитите меѓу поврзани субјекти кои се многу позитивни за нашата економија и всушност се странски директни инвестиции“ вели Богов.
Според податоците на НБРМ, нивото на надворешен долг на Македонија достигна 71,6% од БДП или 5 милијарди и 741 милиони евра.
„Секако генерално треба да водиме сметка за капацитетот на нашата економија да го отплатува долгот кон странство и НБРМ секогаш го има тоа на ум и секогаш во нашите анализи гледаме три до пет години нанапред и соодветно на тоа ја прилагодуваме нашата монетарна политика. Тоа се параметри кои постојано ги земаме предвид и секогаш кога ќе има потреба монетарната политика соодветно ќе се прилагоди се со цел Македонија да не дојде во ситуација да не може да ги отплатува своите обврски било кон домашни, било кон странските кредитори“, додава Богов.
НАДВОРЕШЕН ДОЛГ 71,6% ОД БДП: Како растеа долговите?
НБРМ редовно врши анализа на сите индикатори околу надворешниот долг на земјата со користење на препораките на ММФ, Светска банка и меѓународно прифатени прирачници за таа намена.
„Во нашата анализа од седум индикатори кај пет Македонија е умерено задолжена земја, кај еден е ниско, а кај еден високо задолжена земја. Единствено по учеството на долгот во БДП Македонија во континуитет се вбројува во делот на високо задолжени земји уште од 2005 година“, нагласи Богов.
Слично
