Богојевски: Се радувам што Мицкоски созрева како вистински активист на ВМРО-ДПМНЕ
Реформаторот Петар Богојевски по изјавите на Христијан Мицковски дадени за Фактор Магазин какви карактеристики треба да поседува новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ доколку Груевски си поднесе оставка или биде сменет, дополнува уште три критериуми. За целосна промена на раководството и реформи во партијата се залага и Богојевски со групата на „реформатори“ кои бараат слободен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
- Многу се радувам на процесот на созревање на господин Мицковски, кој како релативно нов член во нашата партија, созрева како вмровец и има шанси во иднина да биде вистински активист на ВМРО ДПМНЕ, а не умислен како сега. Малку натажува обидот да ја избегне одговорноста како човек кој дирекно учествуваше и го предводеше овој срамен пораз, преку истакнување на несериозни ставови за новиот лидер. Одговорноста за поразот, колку на Груевски толку е и негова, како Генерален Секретар. Нема веќе бегање од реалноста, од одговорноста!, вели Богојевски.
Според него, идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да исполни шест критериуми.
1. Да биде пред се вмровец, на кого му се блиски Идејата и Делото на Организацијата, кој од младинец пораснал и созреал во ВМРО, а не се приклучил од ЛДП.
2. Да има личен капацитет да ја разбере историската улога.
3. Да има личен интегритет да ја предводи партијата во нови победи.
4. Да не бил учесник во процесите за изолација на партијата и на Македонија.
5. Да е лично и професионално реализиран.
6. Да биде прифатлив за сите вмровци, човек кој обединува, кој ќе го обедини ВМРО под формата на ВМРО ДПМНЕ! Најважно е да има полн легитимитет и легалитет, да биде Лидер кој ќе го изберат вмровците на слободен, демократски и обединувачки Конгрес, а не избран на приватна забава, заклучува Богојевски.
