Богојески: Голем дел од раководството навлезе во правец од кој нема назад
Многумина замислуваат дека дискусиите во партијата се жестоки, не постои жестоко, туку постои едноумие, изјави разрешениот заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески во вечерашното гостување на телевизија 24.
Вели дека состојбата во партијата е слична како пред 27 април.
„Голем дел од функционерите повикаа на разум, меѓутоа се случи најлошото сценарио за нашата партија, а тоа е дека вината за бојкотот ќе ја носи ВМРО-ДПМНЕ. Целата вина за оваа состојба денес паѓа на ВМРО-ДПМНЕ, така се смета. Вчера бев на конференција во Бугарија и таму беше многу комотно да се биде Богојески, но беше многу некомотно да се биде вмровец. Веќе не станува збор само за попречување на евроинтеграциите на Македонија, туку сега сме попречувачи на стабилизацијата на регионот, така сега европските функционери гледаат на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од раководството навлезе во правец од кој нема назад“ - изјави тој.
Вели дека сега треба да се случи чудо за да добијат нормални, проевропски ставови во партијата.
