Богоевски: Нема заташкување и прикривање на прекумерната полициска сила
Пратеникот Павле Богоевски посочи дека реформите во МВР ќе донесат департизација и професионализација на оваа значајна инстуција која раководи со државниот апарат на сила и веднаш ќе се реагира доколку има злоупотреби.
- За разлика од претходната практика на раководството на прикривање и заташкување на прекумерна употреба на полициска сила, денешното раководство на МВР експресно ги расчистува и истражува случаите на прекумерна употреба на полициска сила и незаконска примена на овластувања. Доказ за тоа се и брзите расветлувања на случаите на полициско пукање во Струмица, како и на незаконска прекумерна употреба на полициска сила врз ненасилни демонстранти во Скопје.
Богоевски посочи и дека се потребни нови законски решенија со кои ќе се наметне поригорозен систем на казнување и истрага на случаи каде има прекумерна употреба на сила од полицијата.
- Истовремено, сакам да напоменам дека воспоставувањето ефективни и ефикасни механизми на истражување на незаконска примена на полициска сила, но и сите други форми на незаконска и неоснована примена на полициски овластувања, никогаш не е завршен процес, односно дека секогаш може да биде подобро. Поради тоа, постојните механизми и законската регулатива треба да се надградат и треба да се прошират, да вклучат и други субјекти, кои што ќе го надополнат постојниот механизам на истражување на прекумерна примена на полициска сила, ќе ја зголемат транспарентноста на истрагите во целост, а со тоа и ќе ја зголемат довербата на граѓаните во својата полиција, рече Богоевски.
Ова доаѓа на неколку дена откако полициски службеник од Струмица застрела две момчиња по бркотница со автомобили и за случајот веќе е поведена дисциплинска како и кривична постапка.