Богоевски ја повика „Шарената револуција“ да има разбирање
Независниот пратеник од владината коалиција Павле Богоевски им порача на активистите на „Шарената револуција“ да не му се лутат затоа што донесениот законот за амнестија е компромис во име на стратешките интереси на државата. Богоевски е еден од предлагачите на овој закон, а за „Пресинг ТВ“ изјави дека „Шарената револуција“ настанала како резултат на злоупотреба на власта, додека овде нема такво нешто, туку како што вели тој, се работи за договор со кој се постигнуваат повисоки цели.
- На долг рок мир без правда не е можен. Свесен сум дека законот кој јас самиот го предложив задирува во правната држава, владеењето на правото, па дури и во работата на судовите, но не е противправен. Јас верувам дека ова нема да води до тоа да нема правда во Република Македонија. На крајот на денот, овој закон, според моите првични пресметки ќе опфати 10 до 12 луѓе, но тоа е цената која треба да се плати за нашето евроинтегрирање. Очекував одвратност од мои поранешни соборци, активисти за човекови права и членови на „Шарената револуција“, но како ќе поминува времето ќе се види дека овој чекор е исплатлив. Се работи за стратешки интереси.
Тој потенцира Законот за амнестија е плод на работата на Телото за помирување.
„Телото за помирување и работата беше барање на осумината пратеници кои што ја дадоа поддршката за уставни измени. Дали ќе го употребите зборот пазар, дали ќе го употребите зборот политички преговори тоа е. Нема заобиколување на вистината. Осумте луѓе кога одлучија да гласаат за Уставот имаа барања кои ги објавија во медиумите. Тоа беше доаѓање до заедничка средина со цел Република Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО“, додава Богоевски.
