Богоев вели дека Левица одработува за ВМРО-ДПМНЕ, партијата ја нарече резервна гума
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев вели дека Левица во изминатите години одработи комплетно во интерес на ВМРО-ДПМНЕ, нешто коешто излезе на виделина на овие локални избори.
Според него, како што вели проектот кој доби зародиш уште во време на режимот, овие денови целосно се саморазоткри.
„Левица имаше неколку улоги. Прво, сите Вие кои на изборите би останале дома, разочарани од големите партии, да ве убеди дека е трета, различна опција. Второ, да ги кажува јавно работите кои Мицкоски се плаши да ги каже, а се против Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија. Трето, по добивање на гласовите на „жедните” за трета опција, да ги втурне вашите гласови во поддршка на ВМРО – ДПМНЕ. Четврто, помеѓу двата круга на локалните избори да формира мнозинство во општините кадешто се води битка во вториот круг со ВМРО – ДПМНЕ и на тој начин да помогне кандидатите од ВМРО – ДПМНЕ да победат. Петто, да биде дел од мнозинство со „радикалните исламисти” и „капиталистичко – империјалистички партии” , со цел да помогне на ВМРО – ДПМНЕ да дојде на власт“, напиша Богоев.
Тој вели дека Левица го погази она што претходно го зборуваше.„Со резервна гума се вози најмногу до 80 километри на час брзина. Ако се залеташ на автопатот кон Желино малку побрзо, резервната гума може да ти претставува сериозен проблем“, напиша Богоев.
Левица се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ, која пак најави ново мнозинство.
