Богоев максимално ги користи сите социјални мрежи
Општина Карпош и нејзиниот градоначалник Стефан Богоев се единствените кои имале редовни активности на сите онлајн платформи во 2018, покажува анализата за минатата година.
Единствени локални самоуправи кои истовремено имаат свои активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм се Градот Скопје, како и општините Гази Баба, Карпош, Крива Паланка и Македонски Брод.
Градоначалниците, покрај стандардниот Фејсбул, се повеќе ги користат и Инстаграм и Твитер. Инстаграм го користат 29 градоначалници, а драстично мало присуство на првите луѓе на општините во 2018 година беше забележано на Твитер, каде се активни само 7 градоначалници. Ова го покажа Анализа направена во периодот помеѓу 15 и 30 Декември 2018 година.
Споредено со 2017 година, еден градоначалник помалку бил активен на Фејсбук, додека, пак, има зголемување на бројот на градоначалници кои ги користат другите две социјални мрежи. Инстаграм минатата година користеле 8 градоначалници повеќе споредено со 2017 година, а двајца повеќе биле активни на Твитер компарирано за истиот период.
„Се добива впечаток дека недоволно ресурси се насочуваат во делот на двонасочната комуникација со граѓаните, како и процесот на транспарентност и отчетност. Иако бројките се високи, квалитетот на комуникацијата на социјалните медиуми е генерално на многу ниско ниво. Граѓаните и медиумите бараат и имаат право да бараат одговори, а властите се тие кои имаат обврска да ги дадат одговорите на сите поставени прашања. Нема оправдување за ниту еден градоначалник или носител на било која јавна функција за ваквиот однос, особено ако се потсетиме дека секој функционер се финансира со парите на граѓаните и компаниите.“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, кој е и автор на оваа Анализа.
Констатирано е дека сите 81 општина имаат официјални веб страни, додека 52 општини имаат своја страна/профил на Фејсбук. 10 општини се активни на Инстаграм, додека нешто поголема бројка или 14 општини имаат свој Твитер акаунт.
„Полуфункционални веб страни и стари информации, контакт адреси на gmail, слики од скопски музеи и странски знаменитости се само дел од она што можете да го видите ако ги анализирате официјалните веб страни на општините во Македонија. Се поставува прашањето кој се грижи за нивното одржување и редовно полнење со корисни информации за граѓаните. Транспарентноста на јавните функционери на сите нивоа на власта е клучна за демократијата. Дополнително, активностите на социјалните мрежи се од голема важност за традиционалните медиуми кои оттаму добиваат уште поголем извор на информации за понатамошни новинарски и уреднички анализи. Правиме напори од оваа година да започнеме со уште подлабински анализи на квартално ниво кои ќе ги опфаќаат извршната, законодавната и локалната власт. За ова се обративме и разговараме со дел од донаторската заедница во земјава кои се надеваме дека ќе ја препознаат потребата и ќе дадат поддршка“, истакна Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавноста и нови медиуми.
