Богоев ќе го пушта Адреналинскиот парк, кој беше завршен пред една година
Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош, објави дека Адреналинскиот парк на кејот на реката Вардар во скопската населба Карпош 4 направен со пари од Европската унија, наскоро ќе биде пуштен во употреба.
Адреналинскиот парк вреди 700.000 евра, од кои со поголемиот дел од средствата учествува Европската унија. Тој беше изфраден уште минатото лето, но во меѓувреме од општината рекоа дека ќе се бара приватен концесионер кој ќе го одржува и ќе наплаќа билети. Засега не е познато колку би чинеле влезниците, но Богоев вели дека е најден субјект кој ќе се грижи за адреналинскиот дел.
„Финални подготовки и проверка пред отворањето на Спортско - адреналинскиот парк во должина на Кејот на Вардар. Изминатиот период беше искористен за проверка на состојбата на сите реквизити, избор на субјект кој ќе биде задолжен за адреналинскиот дел, обука на тренерите и сл. Овој парк е изграден со поддршка на Европската унија, а ќе го привлече вниманието на сите граѓани на Скопје“, објави Богоев.
Содржинскиот дел од Спортско – адреналинскиот парк во Карпош беше најавен уште лани, а тогаш се очекуваше и да се изврши технички прием и пуштање во употреба на оваа зелена и рекреативна зона.
