Богдановиќ ветува - На „Треска“ ќе и дадеме зеленило, какво што сега нема воопшто
Што ќе никне на просторот на некогашната социјалистичка фабрика „Треска“ уште не се знае. Дали тоа ќе бидат висококатници како што стравува дел од јавноста, или ќе биде убаво уреден простор со зеленило?
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, во интервју за Канал 5, рече дека за таа локација ќе се почитуваат мислењата на граѓаните и на стручњаците.
„Критериумите кои ќе бидат утврдени за конкурсот за Треска ќе бидат утврдени од комисијата која ќе биде формирана од градоначалникот, ќе бидат вклучени сите архитекти, сите луѓе кој се подносители на иницијативата, асоцијации, комори кои сакаат да дадат придонес за подобро планирање на тој простор. Според деталниот урбанистички план од 2012 година на тоа место има нула проценти на зеленило, ние ќе понудиме нешто ново, ќе ги кажеме потребите на општината, ќе избереме најдобро решение кое е во интерес на граѓаните, рече богдановиќ.
Втората комисија, пак, ќе треба да го распише конкурсот, и таа да го избере најдоброто конкурсно решение.
„Се надевам дека во текот на оваа година ќе се избере најдоброто решение, не сакам да лицитирам со бројки, бидејќи погрешно се толкуваат. Повеќе од две години има мораториум на тој простор за неизвршување на планови, оставаме доволно простор за да може да се избере најдоброто решение. Не брзаме, колку е потребно време толку ќе оставиме за да се избере најдоброто решение, кое ќе го поддржат луѓето“, нагласи Богдановиќ.
А како што Фактор веќе пишуваше, веќе е вирална иницијативата преку која се собираат потписи од граѓани кои се децидно против таа локација да се претвори во бетонска пустина. Бараат за просторот да се распише јавен конкурс, со што тој ќе се планира на креатвен и пријателски за околината начин, а не да прерасне во бетонско здание преполно со згради.
„Не смееме да дозволиме на Буњаковец да му се случи она што им се случи на многу други населби, и тој да прерасне во уште една бетонска пустина. На Буњаковец му треба повеќе зеленило, дрвја, цвеќе, паркови, игралишта за деца, пешачки патеки, велосипедски патеки, воздух, сонце. Не ни требаат уште згради, бетон, асфалт, катни гаражи, коли, сообраќај, загадување“, децидни се иницијаторите.
