Богдановиќ: Градинките и училиштата ќе бидат реконструирани или градени според европските стандарди
Советот на општина Центар го усвои ребалансот на буџетот за 2017-та година.
Измените и дополнувањата на буџетот беа неопходни за да се намалат планираните приходи и расходи.
Одредени предвидени ставки со кои значително се одлеваа средства од буџетот ќе се покријат со донации, а пренамената ќе биде за неопходните проекти за реализација и капитални инвестиции.
„Она што го ветивме пред граѓаните ќе биде реализирано. Приоритет ставаме на овозможување најдобри услови за младата популација, а градинките и училиштата ќе бидат реконструирани или градени според европските стандарди. Во овој контекст сакам да ја споменам неопходната реконструкција во сите училишта, изградба на нова градинка во Маџир Маало и секако, она што е значаен капитален објект за општина Центар, продолжување и финализирање на новото современо основно училиште во Капиштец. Нема да го занемариме ниту партерното уредување, напротив за тоа ќе водиме особена грижа, како и за зголемување на зелените површини, изградба на нови паркови“- вели градоначалникот Саша Богдановиќ.
Советниците ја усвоија и програмата за развој 2017-2019 година.
