БОЧВАРСКИ СО 36 ГЛАСА ПОМАЛКУ ОД ЗАХАРИЕВ: Неважечките ливчиња одлучија за втор круг
Кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ, Благој Бочварски на денешната прес-конференција изјави дека граѓаните вчера со своите гласови покажале дека доаѓа нов живот за Македонија.
Бочварски вели дека СДСМ вчера го освои Советот на општина Штип со 12 наспроти 11 советници за ВМРО-ДПМНЕ.
„Со тоа се покажува дека граѓаните на општина Штип веќе избраа нова општинска администрација во нашиот град. Што се однесува за листата на градоначалници резултатот беше целосно изедначен и неизвесен, но и неважечките ливчиња одлучија да одиме на втор круг на овие локални избори“- вели Бочварски.
Бочварски вети дека како и во првиот круг ќе се борат за секој глас и ќе продолжат со кампањата во која ќе имаат разговори со граѓаните.
Според Општинската изборна комисија, за кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Илчо Захариев гласале 13.966, а за кандидатот на СДСМ, Благој Бочварски 13.930 граѓани. Разликата меѓу Захариев и Бочварски е 36 гласа. Осумдесетте избирачки одбори имаат изброено 1.141 неважечки ливчиња за градоначалник, а за листите на советници има 1.433 неважечки гласачки ливчиња.
