Бочварски: Не носам одлуки за компании кои се во сопственост на моето семејство
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски одлучи да го искоментира основањето на фирма од страна на неговиот татко Венцислав Бочварски за производство на електрична енергија.
Според министерот, секоја компанија во овие времиња на енергетска криза бара начин како да ги намали трошоците.
- Фирмата Техноинвест опстојува на домашниот пазар повеќе од триесетина години и е основач на фирмата Техно Енерџи. Имајќи предвид дека цел регион се снаоѓа со енергетска криза која силно влијае врз ликвидноста на компаниите, секоја компанија бара начин како да ги намали своите трошоци во овие услови.Во овој момент јас како министер за транспорт и врски, не носам одлуки за инвестициите во компании кои се во сопственост на моето пошироко семејство, изјави Бочварски за Сител.
Регистрација на фирми за производство на електрична енергија од страна на најблиски членови од семејствата на актуелни и поранешни членови на Владата е тренд кој не запира во последно време.
Таткото на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, Венцислав Бочварски од Штип, е управител на новоформираната фирма за производство на електрична енергија Техно Енерџи.
Сопственик на новата фирма од Штип е Техноинвест Штип, претпријатие кое се наоѓа на истата адреса на која живее и Венцислав Бочварски. Формата е регистрирана со почетен влог од 442.800 денари со поднесено барање за основање на 10 јануари.
