Бојан Стојаноски бил најактивен пратеник во новиот собраниски состав
Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ бил најактивен пратеник во Собранието во новиот состав, покажува Извештајот на Институтот за демократија од Скопје. Според извештајот, се јавувал најчесто за збор и се задржал најдолго на пратеничката говорница.
Меѓу најактивните 10 пратеници се најдоа и три жени, а тоа се Гордана Сиљјановска Давкова, Дафина Стојаноска и Жаклина Лазаревска, една пратеничка повеќе споредено со претходниот период
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 61 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 39 отсто.
Се забележува значителен пад во аргументирањето во споредба со минатиот период така што говорниците во 44 отсто од нивните излагања немале аргументи, додека во 45 отсто настапиле со слаба аргументација. Еден или повеќе аргументи се забележани во само 11 отсто од дискусијата, за разлика од 29 отсто во претходниот период на набљудување, информира Институтот за демократија.
„Процентот на промена на став поради подобри аргументи останува значително низок за да може да се констатира дека пратениците демонстрираат можноста за отвореност за исправноста на аргументите на другата страна“, се вели во извештајот.
