Блумберг: Македонија поблиску до ЕУ со новото раководство
Американскиот медиум Блумберг во статија за проширувањето на ЕУ под претседателство на Бугарија во наредните 6 месеци оценува дека Македонија која сега има ново политичко раководство е поблиску до европските аспирации, но секако на тој пат ќе треба најпрво да го реши проблемот со името со јужниот сосед.
Бугарската министерка задолжена за претседавање со ЕУ, Лилијана Павлова изјави минатата недела во Софија дека нејзината земја вложува напори со цел ЕУ да им даде поконкретни насоки за придружување на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, БиХ и Косово.
– Европската агенда не можеме да ја смениме во рок од шест месеци, но треба да бидеме во состојба на секоја од тие земји да им претставиме јасен акционен план врз основа на нивните достигнувања и напредок во решавање на нивните проблеми, истакна Павлова, предупредувајќи дека во спротивно ќе се создадат јазови во регионот.
Американската агенција, меѓутоа, предупредува дека Брегзит и потенцијалната подлабока криза во ЕУ го свртуваат вниманието од натамошно проширување.
Високиот програмски директор на Европскиот совет за надворешни работи, Весела Чернева оцени дека „Бугарија ќе треба да ги убеди скептичните земји како што се Холандија, Данска, Германија и Франција да ги слушнат проблемите на Западен Балкан“.
