Економија, финансии, бизнис

Контакт

Блокирани во Европа, поделени и раскарани дома - Колку ни е итен политички консензус за стратешките национални интереси?

Блокирани во Европа, поделени и раскарани дома - Колку ни е итен политички консензус за стратешките национални интереси?

Политички консензус за клучните национални интереси мора да се постигне за власта и опозицијата да престанат да ловат евтини поени препукувајќи се за сите прашања па дури и за стратешките позиции покрај нивните стандардни дневни битки. Тоа го посведочивме и во поставеноста на власта и опозицијата во однос на спорот кој го наметна Бугарија како главен услов за блокирање на преговарачката рамка за членство во ЕУ. Постоењето на консензус и јасни позиции може само да ја зајакне стратешката поставеност на Македонија во ваков вид на спорови со соседите кои почиваат на шовинизам и негирање на македонскиот идентитет. Секако политичката борба е здрава за демократијата, но и аналитичарот Кристијан Трајковски од Центарот за истражување и креирање политики е согласен дека мора да се изнајде модел на функционирање во кој ќе има јасно поставена насока дури и при промена на власта, наместо калкулирање од страна на политичките актери. Ветото од Бугарија ќе удри силно врз перспективите за брза трансформација на општествената енергија посветена на преговорите за членство и исполнување на европските стандарди. Во таа смисла мора да постои и конструктивна опозиција и воопшто политичка сцена која ќе наоѓа решенија од заедничка корист за сите граѓани, наместо да продолжи целосната поларизираност,  општата апатија и безидејност дека работите може да се мрднат од мртва точка кон подобро.

Фактор: Постои ли прифатлив модел кој ќе овозможи функционирање на конструктивна опозиција и колку е важен овој исчекор во актуелната загадена политичка култура од дневни препукувања, избегнување на дијалог и недостиг на консензус?

"Политичкиот дијалог во суштина претставува механизам за решавање на конфликтите кои настануваат помеѓу политичките партии од власта и опозицијата во рамки на процесот за донесување одлуки. Ако направиме историски осврт од независноста до денес, може да забележиме дека во нашата држава политичките актери излез од ќор сокак најчесто наоѓаа со примена на вонинституционални механизми за откочување на политичкиот процес, со вклученост на меѓународната заедница. Се покажа дека лидерските средби како неформален инструмент претставуваат начин за надминување пречки во политичкиот процес, заобиколувајќи ги институциите чија улога на крајот е формално да ги спроведат одлуките од овие средби.

Во јавноста постои впечаток дека македонските политички елити немаат јасно усогласен став по однос на важните политички прашања. Дополнително, продолжува практиката на изоставување на опозицијата во процесот на донесување одлуки од широк интерес. Тоа значи дека не се земаат предвид изборните резултати од последните парламентарни избори кои укажуваат дека во моментот од една страна имаме власт поддржана од тенко мнозинство, а од друга страна силна опозиција. Во услови кога не постои функционален политички дијалог за чувствителните политички прашања, интересите на голем дел од граѓаните кои ги застапува опозицијата во суштина не се претставени. Слабиот политички и партиски систем создава околности во кои политичките партии не се насочени својата поддршка од гласачкото тело да ја преточат во унапредување на државата, туку кон освојување краткорочни политички поени, испуштајќи ги од вид можностите во рамки на политичкиот дијалог да се изградат долгорочни стратешки определби. Токму заради имаме состојба на загадена политичка култура. Политички препукувања на дневна основа и постојано дефокусирање на јавноста од значајните општествени проблеми, а таа општествена поделеност е по сите основи и во сите сфери. Впрочем, се соочуваме со еден парадокс во нашето општество, особено кога станува збор за чувствителни политички прашања со кои се соочува државата во моментот. Општествената поларизираност е дојдена до точка во која заедничките интереси кои ги имаат граѓаните, првично се гледаат низ призмата на идеолошка припадност кон политичките партии, што говори за нивната силна позиција во секојдневното живеење на граѓаните.

За надминување на оваа состојба неопходно е политичките партии да одржат култура на практикување меѓусебен дијалог врз претходно поставени принципи и вистинска размена на ставови и аргументи. Тоа ниво на политичка култура не се постигнува наеднаш, туку со постепено развивање кое треба да започне внатре во самите партии. Партиите треба да работат на создавање услови за поголем степен на внатрепартиска демократија која ќе овозможи размена на идеи и градење долгорочни позиции кои ќе бидат засновани на претходно спроведени анализи. Функционирањето на тој начин ќе овозможи конструктивен политички дијалог кој нема да биде под закана од појава на политички лидери кои ќе ја искористат секоја можност да го закочат политичкиот дијалог со цел да се стекнат со политички поени. Развиената внатрепартиска демократија ќе превенира појава на политички опортунисти и промена на партиските позиции со промена на претседателот и раководство. Иако веќе ни прејде во навика оправдувањето за лошо поставените практики да ги бараме во менталитетот и тоа дека сме т.н. млада демократија, сепак енергијата треба да се насочи кон решавање на сите прашања во рамки на институционалните механизми, а неформалните механизми да претставуваат исклучок", потенцира Трајковски.

Фактор: Ветото од Бугарија дојде и покрај веќе постигнатиот Договор за добрососедство, што можеби е и одраз на неуспесите на македонската дипломатија. На внатрешен план, сепак нема единство во поглед на односите со соседите, особено со можноста за изградба на заедничка позиција за ултимативните барања на Бугарија. Колку тоа несогласување меѓу власта и опозицијата влијае на нашите позиции во однос на овој спор кој повторно не оддалечува од Европската Унија?

"Од оваа перспектива тешко е да се направи проценка дали покрај преговорите околу ултимативните барања на Бугарија и постигнатиот Договор за добрососедство, поставеното вето паѓа целосно како неуспех на македонската дипломатија. Имено, македонската јавност потребно е да има предвид дека во моментот Бугарија во преговорите настапува од слична позиција како и Грција во спорот околу нашето уставно име, односно од позиција на земја-членка на Европската Унија, а ние претендираме да бидеме дел од тоа европско семејство. Тоа значи дека тие имаат поголема моќ во меѓународните односи за да ги постават условите за политичка игра и да отворат прашања кои од нивна перспектива се спорни и треба да се надминат. Можеме да зборуваме колку позициите што ги застапуваат се во согласност со европски вредности и дали нивните условувања имаат некакво рационално објаснување, но тоа е реалноста со која како држава се соочуваме во овој момент. Политичката моќ во преговорите за разлика од периодот кога бевме дел од СФР Југославија е промената и сега таа натежнува на страната на Бугарија како помоќна страна. И покрај напорите, дури и за пошироката јавност извесно беше дека ќе се искористат инструментите за блокирање на отпочнувањето на долгоочекуваниот процесот за преговори. Сепак во целото сивило, позитивно е што од страна на Владата бевме информирани во повеќе наврати за поставените црвени линии по однос на идентитетските прашања, со тоа што не се дозволи преговорите за членство во Европската унија да се претворат во преговори за надминување на историските разлики со Бугарија.


Постоењето висок степен на несогласување меѓу власта и опозицијата по однос на позициите во преговорите со Бугарија несомнено има свое влијание. Опозицијата треба да биде вклучена во процесите на изнаоѓање решенија за прашањата од национален интерес. На тој начин, ќе биде обврзана да се воздржи од штетно влијание при застапувањето на националните интереси од страна на Владата. Сепак, политичарите треба да имаат предвид дека Македонија е значајна, но мала и недоволно политички и економски моќна држава. Заради тоа, секој нејзин чекор во надворешната политика, особено во решавањето на билатералните прашања треба однапред да биде предвиден и анализиран. Доколку стратешкото позиционирање во надворешната политика на нашата земја изостанува, моќта за донесување одлуки е единствено во рацете на политичарите кои во моментот ја имаат власта, а со тоа им се остава простор да калкулираат и од нивно гледиште да постапуваат при затворањето на меѓународните политичките прашања. Со постигнувањето консензус, политичките актери нема да претставуваат две страни од една иста паричка, туку и со промена на власта ќе имаме стратешка определба со јасно поставена насока во поглед на надворешна политика. Притоа, таа политика нема често да се менува, туку ќе биде долгорочна и конзистентна. Во такви околности, сите страни ќе се однесуваат конструктивно на домашен план и нема да освојуваат поени на сметка на непопуларните политики кои власта треба да ги донесе, а се од интерес за напредок на државата. Заради тоа при градење на националниот консензус, во политичкиот дијалог потребно е да бидат вклучени сите засегнати чинители, а тоа не ги опфаќа само политичките партии, туку сите засегнати страни кои имаат политичка, научна или општествена моќ во нашата држава", смета Трајковски.

Фактор: Јасно е дека имаме независна држава само три децении и недоволно развиени демократски институции, но апатичноста, фатализмот во себепроектирањето и немањето перспектива, го поткопуваат институционалниот систем и општественото делување. Кои може да бидат точките на поврзување на поделеното општествено ткиво и како да се врати енергијата за напредок на Македонија?

"Македонија се соочува со идентични општествени проблемите како и останатите земји од регионот кои го поминаа макотрпниот процес на општествено-економска транзиција. Последиците од социјалистичкото државно управување се уште имаат длабоко влијание врз процесот на донесување јавни политики, а следствено на тоа со не така брз чекор се движи и прилагодувањето на јавните институции кон новите состојби и опкружување. Разочараноста од општествените случувања, особено кај младите предизвикува апатичност и одбивност да се вклучат во јавниот живот, до тој степен што својата иднина ја гледаат надвор од државата. Бавниот процес на спроведувањето реформи и неуспехот да се ослободи општеството од политиката која влегува во сите пори на секојдневниот живот на граѓаните е проследено со намалена доверба во работата на институциите. Имено, оваа состојба веројатно најдобро ја опишува Ралф Дарендорф, кој вели дека при процесот на транзиција на авторитарниот режим со централно планирано стопанство кон демократско општество со пазарно стопанство, може да претпоставиме дека политичките институции ќе се променат за шест месеци, економските односи за шест години, но за промена на навиките, ставовите, однесувањето и вредностите на луѓето ќе бидат потребни шеесет години. Практично во една реченица ја имаме опишано состојбата во која се наоѓа македонското општество во моментот. Несомнено е потребно време за да го достигнеме економскиот стандард и квалитет на живот кој го имаат граѓаните во земјите од Западна Европа, но брзината со која се движиме и разочараноста од политичките одлуки во последните две децении, не влеваат надеж кај македонскиот граѓанин.

Враќањето на енергијата за вклучување во општествениот живот е неопходна за сеопфатен напредок на државата во сите полиња. Очигледно недостасуваат реформи кои ќе придонесат кон зголемување на благосостојбата на граѓаните. За тоа се неопходни суштински реформи во сите области, а веројатно за секој граѓанин најзначајни се економијата и недостигот на добро платени работни места, сигурен здравствен систем, квалитетно образование, стабилност и безбедност, но пред се перспектива, односно чувство на сигурност за која им е неопходна на граѓаните за да инвестираат во Македонија и во креирање живот иднина овде, а не во странство. Тоа се прашања од нашето живеење кои не засегаат сите, а во сите нив потфрламе како општество и како држава. Сите работи кои долг временски период се туркаа „под тепих“ за да се постигне социјален мир, ја видоа светлината на денот со кризата која ја предизвика појавата на корона вирусот. Оттука сметам дека сите активности на оваа и секоја идна власт треба да бидат насочени кон овозможување квалитетни услуги од јавните установи и државната администрација, спроведување мерки и политики за економски раст, вистинска борба со корупцијата, но и ослободување на државата од партиското влијание. Од некаде мора да се почне со вистински реформи, а ако целиме кон постигнување на стандардот кој го имаат земјите од Европската Унија и целта на секоја власт е да се задржат младите во државата, со реформи би требало да почнеме веднаш", заклучува Трајковски.

Х.С.

Слично

Поврзани вести