Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЛОКАДАТА НА ЕВЗОНИ ЌЕ ТРАЕ ШЕСТ ЧАСА - грчките земјоделци со уште поригорозни чекори

БЛОКАДАТА НА ЕВЗОНИ ЌЕ ТРАЕ ШЕСТ ЧАСА - грчките земјоделци со уште поригорозни чекори

Грчките земјоделци го зголемуваат времето за блокирање на граничните премни. Почнувајќи од попладнево во 17 часот по македонско време, или 18 по грчко време, граничниот премин Евзони ќе биде блокиран шест часа. Со ова, никој нема да може да влезе и излезе преку овој граничен премин до вечер до полноќ по грчко, или до 23 часот по македонско време. Како и досега блокадата ги опфаќа сите видови возила: товарни, автомобили и автобуси.

Грчките земјоделци и вчера попладне, во истиот период го блокираа граничниот премин, а во однос на плановите во следните денови, исто како и досега, одлуките ќе ги носат во последен момент, особено сега кога изразија подготвеност во вторник да се сретнат со грчкиот премиер.

На ГП Ники (ГП Меџитлија), како што соопшти АМСМ има забрана за движење на товарни возила, која ќе трае до утре до 10 часот.

Вчера претпладне земјоделците во цела Грција ја започнаа најавената 48-часовна блокада низ целата земја, меѓутоа по новата покана за дијалог и средба упатена од Владата, решија да повлечат дел од блокадите што се на споредните патишта, но сепак тракторите остануваат паркирани на автопатиштата.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис вчера упати покана до земјоделците во вторник да се сретнат со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но под два предуслови: прво, делегацијата на земјоделците да ги претставува сите блокови и второ, дијалогот да се одржи со отворени патишта.

Владината покана ја прифатија земјоделците, а утре напладне ќе одржат состанок со учество на претставници од сите блокови за да ја одредат делегацијата што во Атина ќе се сретне со Мицотакис, како и темите и барањата што ќе ги покренат на состанокот.

Грчката Влада во средата детално ги објасни мерките за земјоделците, а ставот е дека нема простор за дополнителни мерки за поддршка.

Протестите на земјоделците во Грција започнаа на 30 ноември и траат над 40 дена со секојдневни блокади на низа локации во целата земја.


Слично

Поврзани вести