Бизнисменот Главчев тврди дека Јанева, Рустеми и Стефанова барале милион евра поткуп за запирање на постапка
Гевгелискиот бизнисмен Томе Главчев поднел кривична пријава против поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителите Бурим Рустеми и Лиле Стефанова, обвинувајќи ги дека од него барале поткуп од еден милион евра за да ја запрат постапката против него во случајот „Поштенска банка“.
Според информациите, по завршување на судскиот процес во корист на обвинетите во 2024 година, Главчев решил да ги изнесе во јавност наводите за притисоци и корупција, доставувајќи и материјални докази, меѓу кои и аудио-снимка до надлежните институции.
Главчев тврди дека во јануари 2019 година, преку посредство на сведокот Бојан Јовановски – Боки 13, бил информиран за условите под кои би можела да се запре истрагата. Средбата се одржала во просториите на тогашната телевизија 1ТВ во Скопје.
Вели дека барањето било јасно – исплата на 1 милион евра, од кои 30 отсто веднаш, а остатокот по донесување на одлука за запирање на постапката.
Дополнително, Главчев наведува дека претходно од него биле барани и средства за рекламирање во медиуми, во износи од 50.000 и 100.000 евра. Откако категорично го одбил барањето за поткуп, според неговите тврдења, постапката против него продолжила и траела со години.