Битолскиот градоначалник посетата на делегацијата на Петков ја оцени како индиректна провокација
Градоначалникот на Битола, тони Коњановски, денешната посета на бугарскиот премиер Кирил петков и делегацијата што ја предводеше на отворањето на клубот посветен на Иван Ванчо Михајлов во градот под Пелистер ја оцени како „индиректна провокација“.
- Битола е космополитски, конзулски град, во кој посебно се почитуваат културите, традициите и вредностите на сите народи и треба да биде вистински пример за негување на македонскиот идентитет и култура во сите други земји, каде што живеат Македонци.
Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“, се огласи Коњановски на Фејсбук.
Побара Бугарија да овозможи реципроцитет за македонското малцинство и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја.
- Тогаш, кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на Македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство.
После посетата на денешниот настан во Битола, очекувам, премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на македонците кои живеат таму, допиша градоначалникот.
