Економија, финансии, бизнис

Контакт

Битиќи: Денес дојдов во Собранието, министерката за финансии повторно избега од дебатата

Битиќи: Денес дојдов во Собранието, министерката за финансии повторно избега од дебатата

Пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, ја обвини министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска дека повторно избегнала собраниска дебата за економската состојба, задолжувањето и новата Фискална стратегија.

Во објава на Фејсбук, Битиќи напиша дека денес дошол во Собранието за, како што вели, „конечно да се соочиме со министерката за финансии“, но таа повторно не се појавила на дебата.


„Се извинувам што ја вознемирувам додека е на патување, но кога сметките дома не ви се средени, не е време за шетање со државни пари“, порача Битиќи.

Тој ја повика министерката во четврток, на седницата за пратенички прашања, да дојде во Собранието и да одговори за задолжувањето од 260 милиони евра, како и за прашањето дали се подготвува ново задолжување од околу 350 милиони евра за сервисирање на остатокот од еврообврзницата што достасува во јуни.


Битиќи оцени дека расправата за јавните финансии треба да се води пред пратениците, а не преку Фејсбук статуси или на средби во Министерството за финансии.

„Ако аргументите и бројките се на ваша страна, тогаш изнесете ги таму каде што се носат одлуките за парите на граѓаните, во Собранието“, напиша Битиќи.

Министерката Димитриеска-Кочоска претходно преку Фејсбук го повика економскиот тим на опозицијата на средба во Министерството за финансии, тврдејќи дека опозицијата шири невистини и погрешно ги толкува економските податоци. Таа наведе дека Владата не се задолжува за луксуз, туку за враќање стари долгови, ликвидност, капитални проекти, плати и пензии.


Со ова продолжува јавниот судир меѓу власта и опозицијата околу задолжувањето, јавниот долг и состојбата во буџетот, при што Битиќи инсистира дебатата да се води во Собранието, а министерката тврди дека бројките се на страната на Владата.

Слично

Поврзани вести