БИТИЌИ Е МЕЃУ СПОМЕНАТИТЕ ЗА НОВ ПРЕМИЕР - за Фактор вели: несоодветно и неодговорно е да коментирам
Оставката на премиерот Зоран Заев, барем до вчера попладнето, се уште не беше стигната во Собранието, што во текот на вчерашниот ден ги подгреа шпекулациите дека наводно таа ќе биде пролонгирана до декември, односно дека ќе се чека исходот од можностите за старт на преговорите.
Но, набргу потоа од Кабинетот на премиерот ја негираа таа информација, со став дека таа оставка многу скоро ќе биде ефектуирана. Односно, како што од Кабинетот известија за медиумите, премиерот Зоран Заев нема намера да чека до декември, туку оставката ќе се ефектуира наскоро.
Оттаму нагласиле дека оставката е јасен чин на преземање одговорност. Посочуваат дека во тек се консултации низ кои, органите на партијата, како и коалиционите партнери, со целосна поддршка од премиерот Заев, работат на решенија и одлуки со кои парламентарното мнозинство се одржува стабилно, а со цел обезбедување Влада која го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата.
Во јавноста се свртеа неколку имиња за тоа кој би можел да биде новиот мандатар, или премиер на евентуалната техничка влада, односно името кое владејачкото мнозинство ќе му го понуди на претседателот Стево Пендаровски, со цел тој да му го додели мандатот и оваа гарнитура да продолжи да владее со нов премиер.
Едно од имињата кое се спомена во јавноста и е Фатмир Битиќи, член на СДСМ и сегашен вицепремиер во Владата за економски прашања.
Фактор го праша Битиќи дали е точно дека нему наводно му е понудено да биде иден мандатар и премиер, и дали тој би ја прифатил таквата понуда. Тој смета дека е несоодветно и неодговорно да даде било каков коментар.
„Во однос на споменувањето на моето име, сметам дека е несоодветно и неодговорно да давам било каков коментар. Во моментот кога ќе биде донесена одлука и решение за да продолжи развојот на нашата држава по патот по кој веќе тргнавме, граѓаните и медиумите ќе бидат информирани. Ви благодарам на разбирањето дека во моментов не би коментирал понатаму“, вели Битиќи за Фактор.
Како што е познато, коалиционите партнери во власта сметаат дека оваа Влада треба и понатаму да ја води државата, со оглед што се чека декемврискиот исход од напредокот клон Европската унија.
Вчера, пак, во јавноста се појави и името на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, дека е кандидат за технички премиер на новата Влада, според прогнозите на германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Според весникот, можни се три сценарија за иднината на Македонија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка Влада која ќе ја предводи земјата на одреден период; предвремени парламентарни избори.
Н.Н.Ф.
