Бислимовски се огласи по инцидентот: Луѓе ме сретнуваат на улица и ми даваат поддршка
Директорот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски во синоќешното гостување во „Тема на денот“ на Сител ТВ рече обични луѓе го препознаваат на улица и му пристапуваат да му дадат поддршка откако беше нападнат од Аријанит Џафери, синот на Муса Џафери од ДУИ, по постапката за одземање на лиценцата на неговата фирма за снабдување со електрична енергија „У-Повер“.
- Сакам да истакнам дека не се плашам, дека ќе продолжам да работам како и до сега и она што ми е многу важно сакам да им се заблагодарам не само на пријателите што ми се јавуваат, туку на обични луѓе кои што ме сретнаа овие два дена и ми дадоа поддршка да продолжам да работам како и до сега. И тоа е единствениот пат, рече Бислимоски.
Првиот човек на РКЕ додаде дека прв пат се соочил со ваков инцидент откако е назначен за претседател на регулаторното тело.
- Искрено и за мене беше големо изненадување. Претходно, не сум чувствувал притисоци и закани. Вообичаено кога ги носиме одлуките, дел од одлуките завршуваат на суд и ние таму ги решаваме работите. Ова е пристап онака како што некој решил да го прави и тоа е тоа, наведе Бислимоски.
