Биологот Иван Џикиќ вели дека Македонија ја чека тешка зима и полни болници
Хрватскиот молекуларен биолог Иван Џикиќ, како што пренесе ТВ Сител, вели дека Македонија ја чека тешка и неизвесна зима со полни болници и голема смртност ако вакцинацијата остане на сегашниот процент.
Според него, проблемот во Македонија е на долг рок. Сѐ додека не го поминеме прагот од 60-70 проценти вакцинирани, вели дека ќе биде тешко затоа што сега сме на 37 отсто.
„Сѐ додека не го постигнете потребниот процент Македонија ќе биде земја во која ризикот за бројот на починати ќе биде многу висок. Ако сте под 50 проценти тоа е алармантно и треба да се испрати порака до владата дека не смее да се дозволи да остане оваа состојба бидејќи во зима ќе имате не 7.000, туку веројатно уште неколку илјади“, вели проф. д-р Џикиќ.
За слабиот процент на вакцинација во голем број земји меѓу кои и Македонија, Џикиќ проблемот го гледа во институциите кои раководат со државата.
Во последното деноноќие во земјава има 135 нови заразени со коронавирусот, и 11 починати.