Билјана Димковска: Темелна ревизија во образованието за силен образовен систем!
После
четврт век талкање по нови образовни модели, а во контекст на бројните измени
на законите за основно, средно и високо образование во изминатите неколку
години, како и имплементирање на бројни проекти се чини дека е крајно време да
пријдеме кон сериозна анализа на образовните состојби кај нас и суштинско
ревидирање на истите.Причина повеќе за ревизија на сето она што се
имплементираше во образовниот систем е отсуството од анализи за секој проект
поединечно и ефектите од истиот- оценува професорката Билјана Димковска, м-р по образовни науки и член на Наставнички
пленум.
Вели не смееме да заборавиме дека образовните закони се носеа во отсуство од широка јавна дебата во која стручната јавност, учесниците во образовниот процес, граѓанскиот и бизнис сектор ќе можат да ги изнесат своите согледувања, искуства и сугестии. Сето ова според неа укажува дека е дојден моментот кога сите сме исправени пред сериозен предизвик да направиме суштински промени кон она што се нарекува концепт на современо училиште и да ги утврдиме насоките кон кои ќе се движи нашето образование во наредната деценија.
Наставната пракса вели сеуште има сериозни проблеми кои го кочат образовниот процес. Па така има недостиг на просторни и материјални услови за работа на градинките, училиштата, факултетите и студентските домови, сеуште се работи по обемни наставни планови и програми кои водат кон потешкотии во процесот на учење и психофизичкиот развој на децата и младите. Дополнително има учебници кои не го олеснуваат процесот на учење, постои недостиг на стручни тимови од педагози, психолози, логопеди, дефектолози, медицинска поддршка, отсуство од кадар за професионална ориентација и следење на постигнувањата на секој ученик, како и поддршка во процесот на понатамошно образование на учениците.
“Има слаба соработка помеѓу основните и средните училишта и факултетите кои образуваат наставен кадар (неможност за реализација на практична настава и оспособување за работа во училиште). Формална соработка помеѓу училиштата и родителите, локалната самоуправа и бизнис заедницата. Отсуство од вклученост на практичарите, родителите и стопанските субјекти во креирање на наставните планови и програми (особено во средните стручни училишта). Двојно водење на педагошка евиденција и документација . Необјективно вреднување на работата на наставниците. Слаба вклученост на наставниот кадар во креирање на образовните политики на училишно, локално и национално ниво. Централизирано образование (носење закони, решенија и одлуки од врвот кон базата, наместо истите да бидат производ од иницијативите на субјектите директно вклучени во наставниот процес). Чести измени на законите за основно, средно и високо образование што укажува на отсуство од утврдени образовни стратегии и цели;Професионален развој на наставниот кадар заснован врз странски искуства и проекти, во недостиг на наши акредитирани програми за едукација и професионални обуки на наставниците. Систем за кариерен равој на наставниците поврзан со резултатите од екстерните тестови на учениците.Отсуство на инвестирање во научно истражувачки проекти од страна на државата како предуслов за научен и општествен резвој”- објаснува професорката Димковска.
Каде сме?
Синтагмата силен образовен систем за неа подразбира силна база за градење на граѓани на новото време. Тоа значи создавање и функционирање на концепт на современо училиште, силна поддршка на ученици во процесот на едукација, продукција на кадри кои ќе стекнат висока подготвеност за вклучување во општествениот живот и најважно – градење на систем на вредности според кој поединецот ќе работи на свој личен, но и развој на заедницата.
“Во една таква споредбена анализа, логично се прашуваме дали и во која мера ние ги достигнуваме стандардите за градење на концептот на современо училиште во нашето општество. Во отсуство од анализи на проектите кои изминатите години беа имплементирани во училиштата и наставниот процес, неопходно е да се направи целосно скенирање на системот за воспитание и образование од предушилишно, преку основно и средно, до високо образование - односно согледување на степенот на исполнетост на стандардите за работа на предучилишните установи и училиштата. Тоа подразбира анализа на просторните и материјални услови за работа, опременост на градинките, училиштата и факултетите (кадровска, финансиска, техничка). Ваквата анализа би послужила како појдовна точка за градење на образовни политики кои би воделе кон целосно и суштинско реформирање на целиот систем”- потенцира Димковска.
Низ една широка јавна дебата очекува да се отвораат можности да се слушнат практичарите, наставниците, научната јавност, раководителите, родителите, граѓанскиот сектор и стопанствениците, да се споделат образовните искуства, да се разменат идеи од кои би произлегле насоки за креирање на национална стратегија за развој на образовниот систем за наредниот подолг период.
Каде би можеле да ги бараме решенијата?
“Веројатно првата задача пред која сме исправени сите е создавање на просторни услови за настава, што значи изградба на предучилишни и училишни установи и нивно целосно опремување за реализација на современа настава. На тој начин ќе можеме да очекуваме настава во една смена, оптимален број на ученици во класовите, опремени кабинети и простории за додатни и слободни активности, кујни за топол оброк, библиотеки и медиатеки отворени за учениците”- вели Димковска.
Ако оценувањето е само една алка во долгиот процес на вреднување кој опфаќа континуирано следење, мерење, проверување, оценување и на крај – вреднување, тогаш станува јасно дека не смеe да си дозволaт импровизации на нешто што се нарекува вреднување и создавање вредност.
“Имајќи ја предвид тежината и обемноста на курикулумот за основно и средно образование, се чини дека е неопходно ревидирање на наставните планови и програми и намалување на бројот на предмети, особено во основното образование, односно ревидирање на наставните содржини по одделни научни дисциплини. Во таа насока, добро е да ги согледаме придобивките од активна вклученост на практичарите во изработка на курикулумот со цел поефективно реализирање на определените цели и задачи”- нагласува професорката.
Предизвици на патот кон подобро образование
Екипирањето на стручни кадри во изготвување на програми за професионален развој на наставниот кадар е неопходност. Пресликувањето на туѓи искуства и модели досега повеќе пати се покажа како погрешно решение. Стекнувањето на неопходните наставнички компетенции е многу полесно и поцелеисходно да биде низ процесот на студирање, а продлабочувањето и професионалното усовршување да се реализира низ континуирани обуки и квалитетни програми за развој на кадарот.
“Во таа насока, сосема оправдано се поставува прашањето за оправданоста од формирање на тело – Академијата за наставници која според замислата требаше да служи за доедукација на штотукудипломираните студенти, за наставниците кои веќе се дел од наставната пракса и можеби до некаде оправдано – за оние дипломирани на останатите факултети (иако и за нив до сега има корисно решение со дополагање на диференцијални испити”- смета Димковска.
Јакнењето на советодавните органи во министерството за образование според неа ќе води кон јакнење на квалитетот на наставниот кадар, следствено на тоа и квалитетот на наставата. На тој начин ќе градиме образование засновано врз демократски принципи во кое наставниот кадар ќе гради свест за сопствената одговорност во создавањето лични и општествени вредности.
“Ако ги земеме предвид искуствата на финскиот образовен систем во овој сегмент како еден од најсилните во Европа, станува јасно дека довербата кон наставникот води кон подобрување на целиот систем. Укинувањето на инспекциските органи е показател до кој степен е подигната одговорноста и професионализмот во работата на училиштата. Само во таков систем, ослободен од стеги и казни е можен развој на демократските вредности кај поединецот и општеството”- додава професорката Димковска.
Според тоа, кога ќе се реализира концептот на современо училиште, кога на учениците ќе им се овозможи целосна поддршка во долгиот процес на учење и подготовка за општествен живот и работа и јакнење на професионализмот во работата на сите образовни работници, дури тогаш може да се каже дека има успех за создавање на силен образовен систем.
За крај, кога говориме за реформи во образовниот систем, би го цитирала Сузиќ: реформите подразбираат промена на суштината, не на формата-порачува професорката Билјана Димковска од Наставничкиот пленум.
С.Б.