Билал Касами : Треба да го средам проблемот со отпадот во Тетово
Претседателот на Движењето Беса и воедно градоначалник на Тетово, Билал Касами не коментира дали неговата партија ќе биде дел од Владата. На прашањето на ТВ21 за ова, Касами со краток одговор: „Денеска треба да го средам проблемот со отпадот во Тетово“.
Потсетуваме дека смената на Беса од Владата дојде откако во општина Желино ДИК донесе одлука за прегласување на избирачкото место 2107, но вчера оваа одлука беше поништена од Управниот суд. Тоа значи дека Желино ќе го води Блерим Сејдиу од Движењето Беса.
На одлуката на Управниот суд на социјалната мрежа Фејсбук реагираше и противкандидатот на Сејдиу од ДУИ, Фатмир Изаири, кој фрла сомнеж дека оваа одлука на Управата е политичка или коруптивна, но сепак му честиташе на противкандидатот од Беса, Блерим Сејдиу.
.Управниот суд вчера ја прифати жалбата на Беса против одлуката на ДИК, што значи дека се потврдува изборот на нивниот кандидат за градоначалник на Желино. Затоа, сега се поставува прашањето дали Беса се уште опстојува на ставот да се изгласа недоверба на оваа влада од која дел се и самите, со цел ДУИ да замине во опозиција?
Ниту генералниот секретар и министер за земјоделство Аријанит Хоџа не одговара дали нивните пратеници ќе гласаат за недоверба на владата во четврток, откако судски го сочуваа Желино.
