Би се чувствувал засрамено да седам на иста маса со политичарите од источниот сосед: Мицкоски за случајот Менкиноски
Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на информациите дека адвокатот Тони Менкиноски добил десетгодишна забрана за влез во Бугарија, оценувајќи дека доколку ваквата одлука се потврди, станува збор за сериозен удар врз демократските принципи.
– Доколку е точно, тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите кај нашиот источен сосед. Јас би се чувствувал засрамено да сум човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите кај источниот сосед – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува реакција и од земјите членки на Европската Унија доколку се потврдат информациите.
– Тука мислам на земјите членки на Европската Унија кои треба да реагираат, ако ова е така – нагласи премиерот.
Претходно адвокатот Тони Менкиноски информираше дека официјалните власти во Софија донеле одлука со која му се изрекува забрана за влез во Бугарија во траење од десет години.
Менкиноски ја оцени одлуката како скандалозна и како директен притисок врз неговата адвокатска дејност. Според него, забраната претставува обид за негово замолчување поради улогата што ја има како правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
