БГНЕС се уште му лови „киксови“ на Заев:Критика за бугарскиот амбасадор и за донираните вакцини
Георги Пашкулев, главниот уредник на БГНЕС, медиумот кој го направи фамозното интервју со македонскиот премиер Зоран Заев во периодот кога Бугарија ја блокираше Македонија да добие датум за преговори, во својата колумна вели дека членови на македонската влада и натаму покажуваат антибугарско расположение.
„Софија, како и секој Европеец, сака граѓаните во РСМ да не бидат воспитувани со омраза кон Бугарија. Овде ќе дадеме само два примери од последниот месец: Член на владата на Зоран Заев го обвини бугарскиот амбасадор во Скопје дека злоупотребувал деца со попреченост, а други претстојната донација на вакцини од Бугарија ја опишале како цинична! “, пишува Пашкулев во својата последна колумна.
Уредникот на медиумот алудираше на посетата на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и неговата сопруга на дневните центри за деца со попреченост во развојот, каде што подаруваше хуманитарни пакети, додека пак владата на Бугарија соопшти дека дел од своите вакцини против Ковид-19 ќе ги донира за Македонија.
