БГНЕС објави дека помалку македонски Бугари студирале во Бугарија
Се намалува бројот на млади од Македонија кои студираат во Бугарија. На оваа тема пишува бугарската новинска агенција БГНЕС. Во 2022 само 273 студенти од Македонија студирале во Бугарија, односно четири пати помалку од 2019 година.
Ако во 2010 година нивниот број беше околу 500, во 2019 година се удвои и достигна повеќе од 1.000.
„Во пандемиските години 2020-2021 година имаше сериозен пад, но тоа не беше поради смртоносната болест, бидејќи сите што сакаа можеа да влезат на универзитет со онлајн пријавување“, пишува бугарската новинска агенција БГНЕС.
Причините за сериозниот пад, според БГНЕС се законските измени во Бугарија и немањето активен орган за нивно менаџирање, бидејќи предвиденото консултативно тело се уште не почнало со работа.
„По 2019 година бугарската држава ги менува условите за документите со кои можат да аплицираат доброволните Бугари од Северна Македонија. Овие промени имаат негативно влијание врз потенцијалните кандидати за студенти“, се вели во написот.
Новинската агенција понатаму објаснува дека студентите од Македонија можат да аплицираат според два законски члена – 103 и 228. Повеќето од нив го избираат 103. Според него, тие ги уживаат сите привилегии што ги имаат другите бугарски студенти – добиваат стипендија, не плаќаат семестар и студентски дом. Оваа уредба предвидува дека тие мора да го докажат своето бугарско потекло со официјални документи на бугарската држава или институции издадени на нивните предци.
Проблемот според БГНЕС е што повеќето од нив немаат такви документи.
