БГНЕС: „Античкиот Димовски“ ќе биде наследник на Груевски
Груевски го готви „античкиот Димовски“ за наследник, Заев очекува силна опозиција, пишува бугарската новинска агенција БГНЕС.
БГНЕС објави текст поврзан со најновите случувања во ВМРО-ДПМНЕ, партија која ќе избира нов лидер по најавата за оставка од Никола Груевски.
Како што пишува бугарската агенција, Димовски е меѓу најдоверливите лица во Извршниот комитет на актуелниот претседател Груевски. БГНЕС му го придава на Димовски епитот „антички“ поради тоа што, како што објавува, го бранел проектот„Скопје 2014“.
„Со процедурална контрола, тој стори сѐ што е можно за да го блокира изборот на новата Влада на Република Македонија, што доведе до ескалација во земјата и насилство на парламентот на 27-ми април за време на „крвавиот четврток“. Повеќе од 100 луѓе беа тепани, вклучително и актуелниот премиер Зоран Заев“- објави бугарската агенција.
Според БГНЕС, Димовски лично ја предводел блокадата на Собранието. Пренесена е и изјавата на Заев кој вели дека сака силна опозиција.
