Бездомникот Хари: Некогаш горе, а денес на дното! Живот и празници на улица!
53 годишниот Хасан Аметовски е еден од штитениците на пунктот за бездомници во Момин поток кој празниците ќе ги помине на улица или со оние кои ја делат неговата судбина. Вели низ Скопје да прашате кој е Хасан Амедовски ретко кој ќе знае да одговори, но по неговиот надимак Хари скоро и да нема кој не го познава. И покрај тешкото секојдневие полно со неизвесност, опасност, глад и студ, тој со голема енергија зборува за животните вредности, потребата од хуманост и дарување. Вели не бара многу, само работа која ќе му овозможи леб и кров над глава.
“Кога некој ќе ми даде работа ќе најдам и преноќиште кое можам да го платам. Ако немам работа преспивам на железничка станица или на меѓуградската автобуска станица, во некој подрум. Животот на бездомник е многу тежок. Има хумани луѓе но ги има и оние кои ја вртат главата. Не гледаат со презир, како пониска категорија. Луѓето често не одминуваат, на кафе се со пријателите, а не размислуваат дека некој нема за корка леб. Кога ќе се обратиме за помош, реално се гнасат. Но има и многу хумани луѓе. Им благодарам на човечноста и хуманоста” – вели бездомникот Хари.
Се сеќава дека некогаш работел како радио водител во комерцијално информативно музичко радио од 1997 -2000 година. Пробал и со маркетинг и волонтерство. Но многуте животни планови не го добиле замислениот тек. Па брзо, паднал на дното. По смртта на неговите родители, останал без поддршка од семејството. Има брат и сестра но одамна ја прекинал комуникацијата со нив.
“Имам брат и сестра и двајца внуци. Им посакувам здравје и бериќет. На целата нација. Под исто небо сме. Некои луѓе ме мразат, други викаат сум доброчинител. Да ми простат сите што сум им згрешил. Сам сум виновен за мојата судбина. Оној што не го почувствувал животот на улицата, никогаш нема да знае како се чувствувам. Факултетот на улицата не може да го објасни некој кој не знае како е да преживуваш од ден за ден. Треба да бидеш камелеон, со сите луѓе да се снаоѓаш во различни ситуации. Не живеам со нив бидејќи одамна ни се нарушија односите. Сите што ме познаваат и оние со кои раснев и на времето работев со нив знаат каков човек сум. Ги почитувам сите независно од верата и националноста. Во сите нас тече црвена крв и еднакви сме”- вели Хари.
Тој е татко на тинејџерка. Одамна не ја видел својата ќерка и вели дека жали за тоа. Му недостасува. Не губи надеж дека можеби еден ден таа ќе посака да го види својот татко и да поразговара со него. За празниците кога сите се во кругот на семејството му е најтешко, бидејќи е сам со своите проблеми. Но надежта и вербата во хуманите луѓе не го напушта. Во Новата година вели ќе влезе со желба да најде стабилна работа, да почне одново и да си обезбеди пристоен живот.
“Понекогаш може да немам ниту за леб. Одам во места кои работат со храна за да ми дадат јадење што им останало. Благодарен сум и за тоа.Треба да им се помогне на оние кои се навистина се во безизлезност. Ми треба покрив над главата. Црвениот крст ми помогна многу. Преку списанието Лице Влице заработувам за парче леб. Го продавам во фирми, големи компании,здруженија. Зaпознавам разни луѓе, сите различни во својот карактер и размислување. Некогаш купуваат, а некогаш само ме одминуваат” –додава Хари.
По смртта на родителите ја изгубил поддршката од семејството. Вели оттогаш целиот живот му отишол во надолна линија. Досега не побарал социјална помош бидејќи остава простор да земат оние кои живеат уште потешко, лицата од социјално ранливите категории и инвалидизираните лица. Се додека го служи здравјето, Хари вели ќе работи. Не се жали, ниту пак одбива работа, бидејќи животот е тркало. Еднаш си на врвот, а веќе другиот миг си на дното. Никој и никогаш не знае каква судбина и предизвик му скроил животот.
Имајте здравје и спокој и не ги заборавајте оние што немаат –порача Хари. Сe присети на една анегдота со Насрадин -оџа кој кога врнело се смеел, а плачел кога греело сонце.Кога го прашале за неговата реакција, оџата одговорил: После дождот доаѓа сонце, а после сонцето дожд. Никој не знае каде може да заврши!
