БЕЗ ЗИМСКА ОПРЕМА РИЗИКУВАТЕ ДА ОСТАНЕТЕ БЕЗ 45 ЕВРА: Еве колкави се казните
Од недела, сите возачи во Македонија се должни да ја поседуваат пропишаната зимска опрема за своите возила, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, потсетува Министерството за внатрешни работи.
Обврската важи за сите моторни возила кои учествуваат во јавен сообраќај, без оглед на временските услови, и ќе трае до 15 март следната година.
За возење без зимска опрема во наведениот период, казната изнесува 45 евра во денарска противвредност, а возилото може да биде и исклучено од сообраќај.
Што се смета за зимска опрема?
За автомобилите до 3.500 килограми потребни се:
зимски гуми на сите четири тркала со најмалку 4 мм длабочина на шарата,
или летни гуми со иста минимална длабочина, но со задолжителни синџири за снег во приборот.
Возилата со погон на сите четири тркала треба да имаат зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, додека за камионите и автобусите се потребни зимски пневматици на погонските тркала и лопата или синџири за снег.
Зимски пневматици се оние со ознака „M+S“, „M&S“, „MS“ или симбол снегулка на стилизирана планина.
Д.Т.
