Економија, финансии, бизнис

Контакт

Без решавање на политичката криза во Бугарија, нема надеж за напредок на Скопје кон ЕУ

Без решавање на политичката криза во Бугарија, нема надеж за напредок на Скопје кон ЕУ

Политичката криза во Бугарија, која ќе има трети парламентарни избори за помалку од една година, не и остава многу шанси на Софија да го повлече ветото на европската интеграција на Македонија пред крајот на годината, проценуваат политичарите и аналитичарите.

„Скопје може да го добие одговорот на Софија во декември, доколку Бугарија добие влада со јасен мандат, но шансите за тоа се многу мали“, рече за ЕУРАКТИВ бугарскиот заменик директор на Европскиот совет за надворешни односи Весела Чернева.

Според нејзиното мислење, властите во Македонија мора да ги чекаат резултатите од претседателските избори во Бугарија, закажани за 14 ноември, бидејќи позицијата на претседателот ќе биде многу важна.

Актуелниот претседател Румен Радев има добри шанси да освои втор мандат. Радев е важна фигура во Софија од април, бидејќи неговата привремена влада управуваше со земјата бидејќи партиите не успеаја да формираат влада ниту по редовните избори во април, ниту по предвремените избори во јули.

„Ако Радев не учествува конструктивно, ќе биде многу тешко да се реши проблемот“, рече Чернева.

Бугарскиот европратеник Радан Канев, од коалицијата Демократска Бугарија, ја отфрла можноста привремената влада да даде конечен одговор на Скопје.

„Кризата во односите со Македонија бара не само редовна влада, туку и стабилен парламент во Бугарија, со јасно мнозинство и пристојни односи меѓу парламентарните партии“, рече Канев.

Канев додаде дека бугарскиот парламент има ограничувачка рамковна позиција за Македонија, која „ги врзува рацете на секоја влада, особено на привремената“.

„Единствениот излез се многу деликатни дипломатски преговори и договор што ќе ги заштити бугарските национални интереси во процесот на интеграција на Северна Македонија“, рече Канев.

Тој смета дека таквата дипломатија бара мандат од бугарскиот парламент и многу широка политичка поддршка и национален консензус.

„Во демократска парламентарна република се постигнува консензус во парламентот, во соработка со претседателот и со користење на можностите што двете институции ги даваат за преговори и компромиси“, рече Канев.

Тој додаде дека кризата во односите со Македонија и изолацијата на Бугарија во ЕУ ќе продолжи додека не се формира стабилна редовна влада.

Политикологот Георгиј Кирјаков предвидува дека по предвремените избори во ноември, може да следат нови избори во почетокот на 2022 година.

Засега, тој не гледа можност да се промени нестабилната политичка ситуација во Бугарија, освен екстремната националистичка партија Препород на крајот да влезе во парламентот.

„Додека не се реши проблематичната политичка ситуација во Софија, проблемот со европската интеграција на Македонија ќе остане“, рече Кирјаков, додавајќи дека доколку Бугарија успее да формира влада без учество на националистите, тоа исто така може да даде зелено светло за Скопје.

„Во секој случај, шансите за формирање стабилна редовна влада во Бугарија оваа година се многу мали“, рече Кирјаков, оценувајќи дека проблемот со Скопје најверојатно ќе биде одложен за следната година.

Извор од ЕУ за ЕУРАКТИВ изјави дека ставот на Европската комисија не е променет и дека треба да се најде решение што е можно поскоро.

Според тој извор, Комисијата ќе продолжи да работи во таа насока со словенечкото претседателство со ЕУ со цел да се најде решение оваа година. Сепак, тие признаваат дека изборите во Бугарија ги комплицираат работите, бидејќи сѐ ќе зависи од нивото на „способноста за управување“.

Дипломатот од ЕУ рече дека дури и претходната привремена влада била „навистина неконструктивна“ по тоа прашање.

„Бугарија сега се гледа во ЕУ како некој што го расипува проширувањето, поткопувајќи ги напорите на Унијата во регионот“, рече дипломатот.



Слично

Поврзани вести