Економија, финансии, бизнис

Контакт

Без најава: Прв состанок на Комисијата на македонските научници со бугарските

Без најава: Прв состанок на Комисијата на македонските научници со бугарските

Вчера во Софија се одржал првиот состанок на  заедничката Комисија на научници од Македонија и Бугарија,  кои според Договорот за добрососедство, треба да работат на обезбедување објективно толкување на историските настани и на нивно презентирање во учебниците во двете земји. За резултатите од нејзината работа, Комисијата треба да достави годишен извештај до двете влади.

„Најважно е сега да се воспостави дух на доверба“, порачала бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која, како што соопшти прес-центарот на бугарското МНР, ги поздравила членовите на заедничката Комисија и почетокот на нивната работа.

„Со политичарите од Македонија ги надминавме разликите, сега редот е на историчарите. Да го следиме не само словото на Договорот, туку и неговиот дух. Мислам дека сега сите имаат потреба од одговорност и храброст да ги препознаат очигледните грешки од минатото на двете земји, да живеат заедно и да размислуваат за младите луѓе. Комисијата нека покаже европски дух“, изјавила шефицата на бугарската дипломатија.

Таа го пренела и нејзиниот впечаток дека граѓаните од двете страни на границата имаат желба заедно да одбележуваат и прославуваат одредени настани и личности од историјата. Во таа насока, таа ги повикала научниците да се посветат на датумите што двете земји заеднички можат да ги прослават, пред да продолжат да ги разгледуваат учебниците по историја.

Во Македонија немаше најава за средбата во Софија, а последните податоци за членовите на заедничката Комисија од македонска страна датираат од мај годинава. Според тогаш презентираните податоци, во неа се вклучени пет историчари: академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, а членуваат и професорите од ИНИ - Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј - Битола. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески - антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Од бугарска страна во Комисијата членуваат: Ангел Димитров - првиот бугарски амбасадор во Македонија (од 1994 до 2001 година); историчарот Наум Кајчев, професор по современа историја на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ и поранешен генерален конзул во Битола и Торонто; д-р Момчил Методиев - главен уредник на изданието „Вера и општество“, поранешен дипломатски службеник во бугарското МНР, доктор по историја, истражувач на историјата на Бугарската православна црква; професорот Иван Илчев - поранешен ректор на Софискиот универзитет (од 2007 до 2015 година) и професор по најновата историја на балканските народи; доцент Даниел Вачков - директор на Институтот за историски истражувања при бугарската Академија на науките (БАН); професор Филип Топалов - амбасадор во Ватикан; и доцент Бони Петрунова, археолог и директор на Националниот историски музеј.


Слично

Поврзани вести