Без државна гаранција за сеизмичка стабилност – нема градба на нови објекти
Ако нема мислење и гаранција за механичка отпорност, сеизмичка заштита и стабилност на објектот, нема да има ни дизвола за градба. Ова се предвидува во измените на Законот за градба, кој наложува новата одредба да падне на грбот на инвеститорот. Како што појасни министерот за транспотр и врски, Миле Јанакиевски државата ќе одлучува во која научно-истражувачка институција ќе носи проектот за да се добие неопходното мислење.
„Нашата главна цел е државата да има засилена контрола во делот на сеизмичката заштита на сите објекти што ќе се градат во Република Македонија“, рече Јанакиески и додаде дека институтите се обврзани мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градби со површина до 5.000 метри квадратни да ја издадат на инвеститорот во рок од 15 дена од приемот на барањето, а во рок од 30 дена за градби со површина од над 5.000 метри квадратни и за линиски инфраструктурни објекти.
Владата исто така е таа што ќе прави ценовник за износот на услугата, а засега се знае дека трошоците за куќите ќе бидат едонкратни, но за поголемите објекти ќе има посебна тарифа.
За градбите до 300 метри квадратни, претежно за куќи, ќе треба да се обезбеди мислење само во тек на проектирањето. За сите градби со поголема површина од 300 метри квадратни ќе се обезбедува мислење и при проектирање, градење и ставање во употреба.
Новините ги поддржа и директорот на Институтот за земјотресно инженерство, Михаил Гаревски кој смета дека на овој начин ќе се намалат ризиците за градбите.
Планот е постапката да се одвива електронски, а ако по завршувањето со изградбата се јават проблеми, тогаш наместо инвеститорот, обештетувањето ќе го плаќа институцијата што дала гаранција.
Од 15 до 17 илјади евра казна ќе треба да платат фирмите што навремено нема да обезбедат мислење или пак нема да го почитуваат, 11.000 евра е казната за одговорното лице, а 7 до 9 илјади евра за потписникот на проектот. Законските измени нема да важат ретроактивно, за објекти кои веќе се изградени и пуштени во употреба.
Слично
