Бесплатни проекти за изградба на куќи во населбата Јака
Бесплатни проекти за изградба на семејни станбени куќи, нуди општина Илинден со што ќе се овозможи дополнителна поволност за инвеститорите во новата населба за индивидуално домување Јака.
За издавање на градежни дозволи по електронски пат на инвеститорите ќе им бидат понудени четири типа на проекти за куќи со различни димензии, без никаков надомест во постапката за издавање одобрение за градење. Со прифаќање на еден од овие бесплатни проекти Општина Илинден им овозможува на инвеститорите да заштедат до 1.000 евра колку што вообичаено чини изработката на ваквите проекти, информираат од општината.
Инвеститорите, што нема да се одлучат за избор на еден од понудените проекти ќе треба да изработат проекти согласно позитивната законска регулатива и дозволените архитектонско-урбанистички параметри на своја сметка.
Пријавите за учество за електронското јавно наддавање треба да се достават до 15.10.2013 година.
Досега во локалитетот Јака се отуѓени 220, а во првата септемвриска објава беа понудени на продажба уште 15 парцели, па во моментов актуелни се вкупно 25 градежни парцели од Јака. Покрај парцелите во локалитетот Јака на електронско јавно наддавање понудени се уште 6 парцели за изградба на станбени куќи за индивидуално домување во локалитетот „Спортски центар“ во Општина Илинден, а пријавите за учество треба да се достават најдоцна до 22 октомври оваа година.
