Бесплатен лек за пациенти со трансплантиран бубрег сега го купуваат за 3.450 денари
Лекот „мифортик“ (Myfortic 360 мг), кој пациентите со трансплантиран бубрег мора да го земаат долгорочно, најчесто доживотно, за организмот да не го отфрли трансплантираниот орган, повеќе не е бесплатен. Наместо да биде целосно покриен од Фондот за здравствено осигурување, пациентите сега треба да доплатат 3.450 денари. Лекот, кој го користат дел од пациентите со трансплантиран бубрег, беше бесплатен, но со новите измени на позитивната листа на лекови на ФЗО, тој поскапе, објави МКД.мк.
Одлуката предизвика силни реакции кај пациентите, но и кај лекарите, кои предупредуваат дека станува збор за терапија што не смее да се прекине ниту еден ден и дека промената на лекот не е без ризик за сите пациенти.
„Ако се дава само триксин, односно целцепт кај сите пациенти, тоа ќе го намали животниот век на трансплантираниот бубрег. Лекот што го примаат пациентите е неопходен. Ако му дадете лек што пациентот не го поднесува, тогаш нема да има соодветна концентрација на терапијата и нормално е дека прогнозата за бубрегот ќе биде полоша. Ако пациентите од мифортик се префрлаат на целсепт, тоа е ризик. Комисијата што ја направила оваа промена на некој начин ги изложува на ризик пациентите со трансплантирани бубрези“, предупредува пензионираниот нефролог Нинослав Ивановски.
Од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ велат дека промената стапила во сила со измените на Шифрарникот на лекови од 15 јуни 2026 година.
„Фондот за здравствено осигурување со измени и дополнувања на Шифрарникот на лекови ја измени референтната цена на таблетите Mycophenolic Acid (лекот мифортик од Новартис фарм сервисис од 360 мг и 180 мг.). Оттогаш лекот, кој претходно беше без доплата за трансплантираните пациенти, сега се доплаќа со 990 денари за пакување од 180 мг и 3.450 денари за пакување од 360 мг“, велат од Здружението.
По реакциите на пациентите, од „Нефрон“ веднаш испратиле дописи до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и МАЛМЕД.
