БЕШЕ ВО ЛИДЕРСТВОТО НА СДСМ ОД ПОЧЕТОЦИТЕ, ПРЕЖИВЕА ПОБЕДИ, НО И ПОРАЗИ - Шекеринска нема да биде заменик претседател, вели, време е за нови кадри
Нема повторно да се кандидира за заменик претседател на СДСМ. Долги години наназад беше во врвот на партијата, секогаш рамо до рамо со претходниот, но и со сегашниот лидер, но сега смета дека треба да им се отстапи простор на нови кадри.
Две години беше и лидер на партијата, но по парламентарните избори во 2008 година, се повлече.
Вели дека е горда што учествувала во почетоците на СДСМ како прогресивна ненационалистичка партија, која не мисли на популизам, туку на иднината.
Како дел од лидерството на СДСМ, многу често била вклучена во носење на тешки одлуки и решавање на проблеми. Горда е што е дел од Владата која по 30 години им испорачала на своите граѓани членство во НАТО. Но, и на економските резултати, а пред се зголемувањето на минималната плата.
На денот кога нејзината партија СДСМ, која сега владее во државата, но помина и тешки и неизвесни опозициски денови, го славеше својот 30 роденден, Радмила Шекеринска соопшти дека нема да се кандидира за заменик претседател на СДСМ по Конгресот на партијата во мај, на вчерашната церемонија во Касарната „Илинден” во Скопје, по повод турската донација од 7.400 комплети гортекс униформи за припадниците на Армијата.
„Добив прашање од мојата општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека и СДСМ и политичката сцена на Македонија, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон конгресот треба да ни биде да формулираме и нови политики, а тие да бидат подобри“,изјави Шекеринска.
Шекеринска одговори и на прашањето дали е потенцијална кандидатка за амбасадорка во САД.
„Во ниту еден момент не сум учествувала во дискусија по ова тема. Таа тема долго време беше интересна за јавноста, имаше информаци, дезинформаци, деманти. Мислам дека е тема која не треба вака да се дискутира. Се работи за многу важно место, се работи за место кое што особено станува значајно имјаќи предвид дека новоизбраниот претседател на САД доаѓа со една нова поактивна политика и на Балканот. Тоа е прашање за кое не се дискутира преку изјави, туку во рамки на МНР, па во Владата и во соработка со претседателот. Јас се чуствувам заморено да дезинформираме, па да демантираме. Мислам дека е срамота за едно такво место да се игра медиумска игра“, изјави Шекеринска.
Инаку, на онлајн настанот на кој се одбележа 30. роденден на СДСМ, таа се наврати на нејзините почетоци во партијата и нејзината кариера низ структурите на СДСМ.
„Како гласач на првите демократски избори се сеќавам колку беше голема разликата помеѓу она што беше прогресивна ненационалистичка политика на СДСМ а што беше миљето кое доминираше на Балканот и мислам дека тоа беше првата битка која го челичеше СДСМ. Да се покаже дека на Балканот шанса имаат и луѓето кои не мислат националистички, којшто не се популисти, којшто не се во трка да освојуваат само гласови а да не мислат на утре. И да, тогаш борбата за правото на Едмонд да одлучи каде ќе припаѓа политички беше можеби мојата прва политичка битка, бидејќи чуствувам дека неговото право е и мое право, дека неговата битка е и наша битка и мислам дека 90те години покажавме дека може поинаку и дека уште тогаш ги направивме темелите на вистински патриотска партија. А тоа е партија којашто мисли на својот народ, на своите луѓе и на нивната а не на својата иднина“, рече Шекеринска.
Таа истакна дека во сите овие 30 години покажала одговорност, покажала како се работи за народот и државата.
„Од нас секогаш се барала повисока одговорност. Да се биде член на СДСМ е чест и гордост. Да се биде особено во раководството на СДСМ е прво одговорност и таа одговорност е да ги носите тешките одлуки, овие другите владееја а ние решаваме проблеми. Е сега откако 11 години тие проблеми се таложеле добивате големо купче. И факт едека може да играте политика или можете да бидете одговорен, навистина ми е чест што избравме да бидеме одговорни и да се справиме со задачи што изгледаа неверојатни. Ги избравме вистинските битки да се бориме за слобода, да се бориме за правда, да се бориме за демократија, да се бориме за ред. Ама и успеавме да ги придобиеме на наша страна и многу луѓе кои изгубија во моменти кога беше најлесно да се дигне раце и да се каже режим никогаш не може да падне, ние бевме тие коишто решивме повторно да почнеме од почеток и да се обидеме уште еднаш“, рече Шекеринска.
Вели дека битката низ којашто се калеле, во партијата ги направила посилни да испорачаат резултати на овие крупни прашања.
„После 30 години зборување ова беше Владата којашто на своите граѓани им испорача членство во НАТО. Од една мала држава од два милиона да можеме да кажеме дека сме дел од сојуз којшто е најмоќен во цветот. Она што мислам дека е важно е дека од големите политики не страдаа и не ги заборавивме малите таканаречени политики кои никогаш не би требало да бидат земени за мали. Како партија и во опозиција први ја почнавме битката за минимална плата, изгледаше неверојатно, ја убедивме и вообичаено тврдоглавата Влада да ги прифати тие концепти а потоа покажавме дека може три пати по ред да ја зголемуваме минималната плата и можеме 4 години по ред да се зголемуваат просечните плати во државата. Тоа се целите којшто си ги поставивме и цели на којшто покажавме резултат“, вели Шекеринска.
