Беше на мундијалите во Катар и Канада: Јулијана Ѓоргиевска открива што се крие зад телевизиските преноси и зошто Светското првенство е многу повеќе од фудбал
Само мал број вљубеници во фудбалот имаат среќа барем еднаш во животот да бидат дел од Светско првенство како навивачи, на трибините. Уште поретки се оние кои ја доживеале магијата на два мундијали, на два различни континенти. Меѓу нив е и Јулијана Ѓоргиевска од Неготино, која денес живее во Хамбург и работи како менаџер за документација во„ Airbus Defence and Space“, каде што е дел од тимот што работи на програмата „Артемис“ и вселенското летало „Орион“.
Зад неа се две незаборавни искуства на светските фудбалски првенства. Пред четири години следеше натпреварите во Доха, Катар. Неодамна присуствуваше на дуелот меѓу Германија и Гана во Торонто, Канада. Од првиот до последниот судиски свиреж ја почувствувала енергијата што телевизиските камери никогаш не можат целосно да ја доловат. Вели дека вистинската магија на Мундијалот е во навивачите, различните култури, новите пријателства и емоциите што остануваат за цел живот.
Во интервјуто раскажува за разликите меѓу двата домаќини, незаборавните моменти што ги понела со себе, но и за својот животен пат од Македонија, преку Катар, до Германија, каде што денес е дел од еден од најзначајните европски вселенски проекти.
ЖМ: Бевте дел од Светското фудбалчско првенство и во Доха и во Торонто. Како изгледаа тие денови? По што најмногу се разликуваа атмосферата, енергијата и емоциите на двете Светски првенства и кое искуство засекогаш ќе го паметите?
-Да се биде дел од две Светски првенства на два различни континенти е навистина привилегија. И Доха и Торонто имаа своја посебна атмосфера, но искуствата беа многу различни. Во Доха буквално секој агол од градот живееше за Светското првенство. Од аеродромот, преку метрото, до улиците - сè беше во знакот на фудбалот. Се чувствуваше дека целата држава дише како едно со навивачите. Луѓето беа исклучително гостопримливи, љубезни и секогаш подготвени да помогнат. Во Торонто, иако се чувствуваше возбудата околу натпреварите, атмосферата не беше онаква каква што ја очекував. Секако, разбирливо е дека ова Светско првенство се одржува во три држави - Канада, САД и Мексико - па не може целиот континент да живее за фудбалот на ист начин како што беше во Доха, каде што едно помало место беше целосно посветено на настанот. Сепак, очекував малку повеќе да се почувствува дека се одржува најголемиот фудбалски спектакл во светот.
Она што ме изненади во Торонто беше што низ градот на многу места можеа да се забележат бездомници и лица кои очигледно имаа проблем со зависност од дрога. Ова не е проблем само на Канада - го има и во многу европски градови. Но, искрено очекував дека за време на Светското првенство, кога градот е домаќин на голем број туристи, тоа ќе биде подобро организирано и помалку видливо. Дополнително, мој впечаток беше дека и чистотата на градот, како и на самиот аеродром, не беше на нивото што го очекував. Со Торонто ме врзуваат многу лични спомени. Таму одам уште од 1997 година, а последен пат пред оваа посета бев во 2018 година. Токму затоа можев да направам споредба и искрено можам да кажам дека промените што ги забележав во периодот од 2018 до 2026 година беа големи и, за жал, за мене претставуваа разочарување.
Најголемата разлика за мене беше гостопримството. Во Доха, по една вечера во ресторан, баравме такси. Случаен локален жител застана, нè праша каде одиме и ни понуди бесплатно да нè однесе до нашата дестинација. Тој гест никогаш нема да го заборавам. Од друга страна, во Торонто доживеавме и едно помалку пријатно искуство. На пат кон аеродромот улиците беа затворени, па моравме да се префрлиме на воз. Поради технички проблем имаше огромен ред. Учтиво замоливме дали може да поминеме бидејќи постоеше реална опасност да го пропуштиме летот и накратко ја објаснивме ситуацијата. Наместо разбирање, една локална госпоѓа ни одговори дека требало порано да тргнеме и дека треба да чекаме како сите останати. Единствено што ѝ одговорив беше: „Ви благодарам што вака ги третирате гостите во вашата земја.“
И покрај тоа, двете Светски првенства ми донесоа посебни спомени. Но, ако треба да издвојам што најсилно ќе го паметам, тоа се неверојатната енергија на Доха, чувството дека целиот град живее за фудбалот и искрената човечка топлина што ја добивавме на секој чекор.
ЖМ: Телевизиските преноси ни го покажуваат само она што се случува на теренот. Како пулсираше Торонто во деновите на натпреварите, како изгледаа фан-зоните, улиците и навивачите?
-Иако во претходното прашање споменав дека Торонто како град не беше целосно „обоен“ во духот на Светското првенство како што беше Доха, во деновите кога се играа натпревари атмосферата беше навистина неверојатна. Бидејќи бевме сместени во центарот на Торонто, каде и најмногу се движеа навивачите, буквално на секој чекор можеше да се почувствува дека се игра Светско првенство.
Улиците беа исполнети со навивачи од различни земји, облечени во дресови и национални бои на репрезентациите што ги поддржуваа. Насекаде се слушаа песни, навивање и позитивна енергија. Луѓето се фотографираа, разменуваа знамиња и сувенири, а целата атмосфера беше исполнета со возбуда и добро расположение.
Имав можност да посетам повеќе од 90 земји низ светот и токму затоа можам да кажам дека најубавиот дел од едно Светско првенство не е само фудбалот, туку луѓето. За мене, ова второ Светско првенство претставуваше повторно поврзување со она што отсекогаш најмногу сум го сакала – да бидам опкружена со луѓе од различни националности, да разговарам со нив, да ги запознавам нивните култури и да разменуваме животни приказни.
И во Германија, каде што живеам денес, секојдневно сме опкружени со различни култури. Но, за време на Светското првенство таа културна размена е многу поинтензивна. Луѓето се поотворени, попозитивни и лесно воспоставуваат контакт, без разлика од каде доаѓаат или за која репрезентација навиваат. Без разлика за која репрезентација навивате, многу лесно започнувате разговор со луѓето што седат до вас. Разговаравме од каде доаѓаме, за кого навиваме, си ги споделувавме впечатоците од патувањата и фудбалот. Тоа се мали разговори, но создаваат прекрасни спомени и нови пријателства.
Токму затоа сакам да бидам дел од Светските првенства. Не е само фудбалот тој што ги обединува луѓето, туку можноста да се запознаат различни култури и да се почувствува дека спортот навистина нема граници.
Мојот сопруг веќе има посетено три Светски првенства и две Европски првенства, а ова беше мое второ Светско првенство. По секое вакво искуство сме сè поубедени дека сакаме ова да стане наша семејна традиција. Затоа веќе почнавме да ги правиме првите планови за Светското првенство во 2030 година.
ЖМ: Какво е чувството да се биде дел од Светско првенство како навивач на трибините? Од моментот кога ќе тргнете кон стадионот, преку песните и еуфоријата, па сè до последниот судиски свиреж?
-Ако треба да го опишам чувството со еден збор, тоа би било - адреналин. Адреналин на највисоко ниво. Од моментот кога излеговме од хотелот, атмосферата беше неверојатна. Се слушаше навивање, луѓето пееја по улиците, носеа дресови и маици од репрезентациите што ги поддржуваа, а целата еуфорија те носи уште пред да стигнеш до стадионот. Решивме да тргнеме порано, бидејќи улицата пред стадионот беше блокирана, па прошетавме покрај езерото Онтарио, застанавме на пијалак и полека се упативме кон стадионот. Самата фан-зона беше одлична - имаше многу храна, пијалаци и навивачи од различни земји, сите со иста цел: да уживаат во фудбалот. Кога влеговме на стадионот и кога почна натпреварот, чувството беше како да го допираме небото. Тензијата, песните, викањето, аплаузите, секој напад, секоја шанса - тоа е нешто што телевизискиот екран никогаш не може целосно да го пренесе. На крајот од денот имавме поминато повеќе од 25.000 чекори, но во хотел се вративме исполнети, возбудени и сè уште под силни позитивни впечатоци. Тоа е магијата на Светското првенство - не е само натпревар, туку целодневно искуство што останува засекогаш.
ЖМ: Колку беше предизвик да се планира патувањето, да се обезбедат билети и сместувањето и дали чувството кога конечно ќе седнете на трибините ги оправдува сите подготовки?
-Ова Светско првенство за мене беше второ, а за мојот сопруг трето. Тој беше присутен и на Светското првенство во Москва, а има следено и две европски фудбалски првенства. Затоа, кога станува збор за организација, кај нас подготовките почнуваат многу рано. Најчесто, уште една година пред почетокот на Светското првенство почнуваме со планирање – резервираме авионски билети, хотелско сместување и внимателно го следиме процесот за купување билети за натпреварите. Кога ќе се отвори системот за аплицирање или наддавање за билети, веднаш аплицираме за натпреварите што сакаме да ги гледаме. Потоа, во зависност од тоа кои билети ќе ги добиеме, правиме дополнителна организација. Некои билети ги разменуваме или продаваме преку официјалниот маркет доколку не одговараат на нашиот план, а купуваме билети за натпреварите што навистина сакаме да ги посетиме.
Според мене, на Светско првенство не може да се оди еден месец претходно без план. Потребни се добра организација, време, флексибилност и добро буџетирање. Секако, вакво патување не е евтино, а ова Светско првенство беше особено скапо. Но, ако човек сам ги покрива трошоците и добро го испланира буџетот, сепак е возможно. И кога конечно ќе седнете на трибините, кога ќе ја почувствувате атмосферата, навивачите, химните и енергијата на стадионот - тогаш сфаќате дека сите подготовки, сите трошоци и целиот труд вредат.
ЖМ: Пред да ја изградите успешната меѓународна кариера, Вашиот професионален пат започнал во Македонија. Кога одлучивте да заминете и како изгледаа Вашите први чекори во авијацијата?
-Доаѓам од семејство во кое миграцијата отсекогаш била дел од семејната приказна. Мојот прадедо се иселил во Аргентина, а од страната на татко ми голем дел од семејството се преселило во Канада уште во раните шеесетти години. Моето прво патување преку Атлантикот беше во 1997 година, кога сама отпатував од Македонија во Канада. Мислам дека токму тогаш сфатив дека еден ден и јас ќе ја побарам својата професионална иднина надвор од Македонија. Иако имав можност полесно да се преселам во Канада, бидејќи таму веќе имавме семејство, не сакав да го следам истиот пат како моите роднини. Сакав сама да го изградам мојот професионален пат и да успеам благодарение на сопствениот труд.
По дипломирањето се обидов да се пронајдам во професијата за која се школував, но многу брзо сфатив дека можностите се ограничени и дека тешко ќе можам да ја изградам кариерата што ја замислував. Во еден момент налетав на оглас дека Qatar Airways вработува кабински екипаж. Искрено, тогаш дури и не знаев што точно значи професијата „кабински екипаж“ и никогаш претходно не сум размислувала за таква кариера. Сепак, решив да аплицирам. За тоа вработување имаше околу 500 кандидати, а јас бев меѓу првите четворица кои ја добија работата. Тој момент ми беше огромна потврда дека поседувам потенцијал и способности. Тогаш си реков дека ако веќе сум добила ваква можност во толку силна конкуренција, моја обврска е постојано да учам, да се надградувам и да станувам сè подобра.
Така започна мојата кариера во авијацијата – сосема случајно, но со многу работа, посветеност и желба за напредок. Денес, кога ќе погледнам наназад, можам да кажам дека таа одлука целосно ми го промени животот.
ЖМ: Од стјуардеса и кабински директор до денешната улога како тренер и координатор на екипаж во Business Aviation, Вашата кариера постојано се развива. Кои беа најголемите предизвици и најважните лекции што ги понесовте низ тие професионални, но и лични промени?
-Кариерата во „Катар Ервејс“, од кабински екипаж до Cabin Service Director, за мене беше многу природен процес. Уште од моментот кога ја добив работата, си ветив дека постојано ќе работам на себе и на своите вештини. Секое следно унапредување – од економска класа, преку бизнис и прва класа, па сè до целосно водење на кабинскиот екипаж на wide-body авиони - беше резултат на многу труд, дисциплина и континуирано учење. Ниту една позиција не дојде случајно, туку беше заслужена чекор по чекор.
Најголемите предизвици, сепак, дојдоа кога се преселив од Катар во Германија. Тоа беше период во кој, би рекла, повторно „удрив во ѕид“. Во исто време требаше да научам нов јазик, да се прилагодам на нова култура, бев бремена со мојата ќерка и се обидував повторно да го пронајдам својот професионален пат. Едно нешто, сепак, никогаш не беше доведено во прашање - знаев дека мојата иднина останува во авијацијата. Токму затоа одлучив да започнам магистерски студии по воздухопловен менаџмент на Државниот универзитет во Берлин. Во меѓувреме започна и пандемијата со COVID-19, што дополнително ги отежна околностите. Кога денес ќе погледнам наназад, тој период ми изгледа како една долга и непрекината борба. Но, исто така научив една многу важна животна лекција - по секој дожд повторно изгрева сонце. Секој вложен труд, секоја непроспиена ноќ, секоја жртва и секој предизвик на крајот ми се исплатија. Денес сум благодарна што не се откажав, бидејќи токму тие тешки периоди ме направија личноста и професионалецот што сум денес.
ЖМ: Обучувавте екипажи за итни и медицински ситуации во лет, моменти во кои смиреноста, знаењето и брзата реакција можат да направат огромна разлика. Што Ве научи за луѓето, но и за самата себе?
- Во период од три години работев како тренер за пилоти и кабински екипажи, обучувајќи ги за постапување при итни и медицински ситуации во лет. Тоа беше исклучително одговорна работа, бидејќи во авијацијата правилната и навремена реакција може директно да влијае врз безбедноста на патниците и екипажот. Од јануари оваа година направив нов професионален чекор и денес работам како менаџер за документација во Airbus Defence and Space. Работев на програмата Artemis II, а моментално сум дел од тимот што работи на Artemis III. Во Бремен се произведува околу половина од европскиот сервисен модул (ESM) за вселенското летало Orion, а мојата одговорност е управувањето со животниот циклус на техничката документација што ја доставуваат компаниите вклучени во изградбата на оваа вселенска мисија. Иако денес работам во сосема поинаква област, едно нешто останува исто - вниманието на деталите, дисциплината и чувството на одговорност. Без разлика дали обучувате екипаж за итни ситуации или управувате со документација за една од најзначајните вселенски програми во светот, прецизноста, тимската работа и довербата се клучни за успехот. Токму тие вредности ги носам со себе во секој новпрофесионален предизвик.
ЖМ: Животот Ве однесе од Македонија, преку Доха, до Германија, а секоја земја носи различни луѓе, култури и животни вредности. Што понесовте со себе од секое место и како сите тие искуства ја обликуваа жената што сте денес?
-Од Македонија ги понесов корените, семејните вредности, упорноста и чувството дека човек мора да се бори за своето место. Македонија ме научи на блискост со семејството и на тоа дека и кога можностите не се секогаш лесно достапни, желбата и трудот можат да отворат врати.
Доха, пак, ми го отвори светот. Во „Катар Еирвејз“ работев со луѓе од повеќе од 160 националности и тоа беше едно од најголемите животни училишта за мене. Од секоја култура научив нешто – дисциплина, почит, толеранција, професионалност, отвореност и способност да ги разбереш луѓето и тогаш кога размислуваат сосема поинаку од тебе. Таму научив дека светот е многу поголем од нашата лична перспектива и дека секој човек носи своја приказна.
Германија ми донесе стабилност, структура и ново чувство на одговорност. Тука научив дека интеграцијата не е само да живееш во една земја, туку да го разбереш нејзиниот систем, јазик, култура и начин на размислување. Германија ме научи на трпение, прецизност и повторно градење на себе од почеток.Сите овие земји ме обликуваа во жена која е силна, но и емпатична; амбициозна, но благодарна; независна, но длабоко поврзана со семејството и корените. Денес верувам дека мојот идентитет не припаѓа само на едно место. Јас сум производ на сите места низ кои сум поминала, на сите луѓе што сум ги сретнала и на сите предизвици што сум ги надминала. Токму тоа ме направи жената што сум денес.
Соња Алексоска Неделковска
